За да одлучи за претресите на СЈО, наместо 12 часа, на судот му биле потребни 5 до 10 дена!

Сподели

 

Кривичниот суд во Скопје одлуките по барањата за претреси на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во зависност од случај до случај, ги носел во рок од 5 до 10 дена, наместо за 12 часа, односно за 24 часа, како што налага Законот за кривична постапка, потврдуваат за „Мета“ од СЈО.

„По барањето за издавање наредба за претрес, судијата на претходната постапка одлучува веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од приемот на барањето“, стои во членот 188 од Законот за кривична постапка.

Доколку судијата на претходна постапка го одбие барањето, тогаш Кривичниот совет на судот треба да донесе одлука во рок од 24 часа.

СЈО минатитот месец до судот поднел четири барања за претреси. Три од барањата биле за претреси кај поранешни и кај актуелни функционери, но од страна на судот биле одбиени сите. Единственото барање што судот го прифатил, односно издал наредба за претрес, се однесувало на лице кое не е функционер, а е осомничено во случајот „Титаник“.

Наредбата за претрес била издадена на 25 јануари, по што СЈО извршило претрес на една локација во Скопје, на кој присуствувал и адвокатот Петар Василевски, од адвокатската канцеларија на Никола Додевски, кој е бранител на најголем дел од лицата осомничени во случаите што ги отвори СЈО.

– Одлуки по повод нашите барања беа донесени по истекот на законските рокови, со што постапката се одолжува и се оневозможува итност во постапувањето – беше наведено во соопштенето на СЈО од 31 јануари годинава.

Кривичниот суд минатата недела ги отфрли обвинувањата на СЈО дека продолжува со опструкциите на нивната работа и одбива да издаде наредби за претрес што се однесуваат на сегашни и на поранешни високи функционери.

Оттаму наведоа дека обвинителите на СЈО не ги испочитувале процедурите на судот и наместо преку приемното одделение, барањата за претреси ги поднеле директно кај дежурниот судија на претходна постапка.

meta.mk