ЗА ИНТЕЛЕКТУАЛЦИТЕ – Александар ЛИТОВСКИ

Aлександар Литовски
Сподели

„Само оние што мислат го доживуваат својот живот. Кај оние што не мислат, животот само протекува покрај нив.“

                                                                                            Марија фон Ебнер-Ешенбах

Дали настапи време во кое постои страв од талентот, умноста и писменоста кои можат со непредвидливи зборови да ја откриваат вознемирувачката суштина на нештата и со постојани апели за слобода и правда да ги раздвижуваат потиснатите човечки духови? Со целата резерва кон воопштувањето на една општа, и оттаму хетерогена ситуација, сепак, чинам дека потврдниот одговор е неизбежен, кога ќе се земе предвид која литература и кои автори денес најмногу се читаат. Сѐ поочигледно станува, дека заради таквиот страв, се форсираат интелектуалци кои создаваат пишуван производ кој е површен и лесен за читање. Во таквите „лесни“ писанија редовно постои некаков вид на морален релативизам, во кој доброто и лошото постојат само како привид, во најдобар случај како субјективна категорија, а правдата и слободата како далечни и недостижни категории. Покрај тоа, површноста и леснотијата никого не вознемирува, никого не поттикнува на незадоволство и никого не го насочува кон активност. Напротив, таквите текстови смируваат и опуштаат, докажуваат дека светот и луѓето во него се просечни, прозаични, злобни и дека немаат никакви шанси да променат нешто од општата атмосфера создавана од глобалниот владеачки политички систем. Ако веќе се појават некои „деструктивни“ мисли кои можат да вознемируваат и поттикнуваат на ангажман, тогаш во ова време на владеење на фатализмот се настојува тие или да се уништат преку игнорирање и „заборавање“, или да се асимилираат, односно да се направат прифатливи за системот. И само површна анализа на стварноста, ги прават вистинити и разбирливи зборовите на еден голем интелектуалец, на Меша Селимовиќ: „Можам да мислам што сакам, но не можам ништо да направам. Во денешниот свет ни остануваат само две можности, прилагодување или сопствена жртва.“
Така, во ова денешно полуписмено време, во кое умноста и писменоста не се доблест и привилегија, туку мета на завидливост и напади, да се труди човек да биде писмен и умен е чиста – лудост! Лудост е да се пишуваат статии, прилози, книги, во кои со научни методи и врз научни принципи ќе се објаснуваат нештата околу нас, а сето тоа нема да биде забележано, или ќе биде забележано само од малкумина. Лудост е да се троши сопственото време во додавање, менување, допишување, селектирање, подготвување на некаков научен ракопис или сериозно писмено четиво, оти со тоа се жртвуваат и сонот, и пријателите, и семејството, па дури и здравјето, а на крајот, за тоа се добива само пофалба (некогаш дури ја нема ни неа) или бедна награда (неа ја има уште помалку од пофалбата). Оскар Вајлд со право рекол дека „мислењето е најнездрава работа на светот и луѓето од него умираат токму како и од секоја друга болест.“ Лудост е човек да се троши, физички и психички, а да добива етикета на дрдорко, инаетчија, кавгаџија, утописта…, да добие отказ од работното место, шиканирање, потценување, неразбирање… Сето тоа е лудост, но лудост која е неопходна за човештвото да напредува кон една подобра и похумана иднина.
Во секој случај, денес како намерно да се заборава вистинското, суштинско значење на поимот „интелектуалец“. Имено, да се биде вистински интелектуалец не значи само да се проучува, истражува, објаснува, пишува, туку, пред сѐ, критички да се промислува сопствената стварност и да се поттикнува таа стварност да се промени на подобро! Да се биде интелектуалец значи да се интервенира во етичките и политичките прашања на сопствената современост! Кога тоа го нема, се чини точно, оти интелектуалците не го прават она што треба да го прават, односно дека го нема нивниот глас на протест против неправдите, лагите, глупостите, лошата политика и економија. Денес тешко може да се замисли дека во некоја друга форма ќе биде напишан оној, незаборавливо храбар текст „Обвинувам“ на Емил Зола.
Огромното мнозинство од интелектуалците денес се уплашени од моќта на владеачките елити. Им се чини дека секое спротиставување на владеачката идеја, идеологија и политика, не само што е бесмислено, оти тие идеи, идеологии и политики се несоборливи, туку дека критиката и спротиставувањето на нив води директно кон сопствена физичка и материјална пропаст. Оттаму, упорно и цврсто се држат кон „логиката на пасивност“ со изговор дека „и онака ништо не може да се стори“. Како последица, пак, на таквата логика, самите себе се цензурираат и се повлекуваат во своите „научни и стручни истражувања“, избегнувајќи да бидат „ангажирани“ интелектуалци. Всушност, да се послужам со насловот од книгата на Жилиен Бенда, се работи за своевидно „предавство на интелектуалците.“ (колку за да бидам коректен, ваквата моја констатација е целосно спротивна од дефинирањето на „предавството“ кај самиот Бенда, кој смета дека „ангажирањето“ е предавство на интелектуалноста)

Сликата на денешниот интелектуалец-профитер!?
Кога сме кај „предавството на интелектуалноста“, мене на памет ми доаѓа онаа слика, што со зборови ја слика Мирослав Крлежа, за еден интелектуалец од почетокот на XX век. Таа некогашна слика, парафразирано и проширено, за денешниот наш просечен (во смисла на парадигма за мнозинството) интелектуалец, би била дека тој е „идеалист“ по своето граѓанско занимање и уверување, а од „иделизам“ започнал да се занимава со „народна“ политика. Иако е контрадикторно, тој како „идеалист“ да има реалистично и прагматично сфаќање на животот, сепак, тој има токму такво сфаќање. Како „идеалист“ за него не само што нема „објективна вистина“, туку дури и терминот „објективна вистина“ е блеф, оти некаква „објективна и апсолутна вистина“ би била и одвишна и отповеќе би го поедноставила човечкиот живот. Оттаму, за нашиов интелектуалец, животот е само одраз на случајностите, неодреденостите, релативизмот… Значи, за него, како што вели Крлежа, „сѐ е релативно“, а таквиот „релативизиран“ живот е многу поубав, поисполнет, поинтересен… Оттаму, тој не може да сфати зошто некои го опишуваат и критикуваат беззаконието, суровоста, експлоатацијата… За нашиов современ интелектуалец постои „крајна цел“ која треба да се достигне, постојат методи за дејствување во таа насока (иако /не/моралноста на тие методи смислено не се доведува во прашање) и на крајот, постојат конкретни материјални привилегии, кои тој лично треба да ги добие. За него не може со сигурност да се утврди дали навистина верува во Бог, иако може да се биде сигурен дека „ќе умре“ како добар верник „испеан од три попа“. Сепак, тој верува во „слободата на верување и неверување“, односно во „личната слобода“ и „слободата на мислата“. Истовремено, со сето ова тој има жива и необично добро развиена смисла за правилна проценка на околностите и приликите, односно менаџерски способности кои му овозможуваат да поседува неколку станови и куќи, а ако е „многу прилагодлив и успешен“ и мал бизнис, дуќани, одредено количество обработливо земјиште кое го издава под наем и банковно конто од, да речеме, неколку стотици илјади евра. Секако, во денешно време нашиот просечен интелектуалец е идеолошки и национален конвертит. Тој денес верува во „пазарната економија“, „владеењето и семоќноста на капиталот“, верува во постигнувањето на „непосредни и брзи резултати“, тој е значајна и истакната личност на нашето граѓанско општество, тој е Европеец, па дури и „најголем Европеец“, (на моменти може да е и Македонец, ако тоа му е опортуно, но, исто така, може да е и Албанец, Влав, Бугарин, Србин, Грк…), и натаму, тој е лојален граѓанин, а често е говорник, политичар, пропагатор на граѓанските и човековите права и слободи. Кратко, тој е патриот и државотворец во ова наше европеизирано и глобализирано општество што се раѓа во овие последни седумнаесетина години. Фактот дека пред тоа веруваше во целосно обратни идеи и идеали воопшто не му претставува пречка за градење на неговиот имиџ и кариера.
Ваквите денешни „интелектуалци“ сметаат дека е безвредно, сериозно да се занимаваат со размислување и пишување, па својата „умност“ и „писменост“ ја насочиле кон профитерство. Тие воопшто не си ги жртвуваат ноќите да истражуваат, размислуваат и пишуваат, туку сѐ што ќе им падне на ум го запишуваат и, всушност, ја жртвуваат само хартијата. Најдобриот дел е во тоа што колку поглупави глупости изнапишат, повеќемина, односно, огромното мнозинство глупаци и незнајковци ќе ги фалат. Нив им е сосема јасно дека малкумината вистински писмени ќе го презираат нивното дело заради (не)квалитетот, но, од друга страна, ним им е, исто така, јасно дека умните денес се сосема неважни и нема кој да ги слуша. Логиката е проста: вредноста на негативниот суд од малкумината умни не значи ништо наспроти неброената толпа од оние кои ќе им одобруваат. Но, најдобри од овој тип интелектуалци-профитери се оние кои прават плагијати. Тие туѓиот труд, едноставно, си го припишуваат себе, па потоа позираат за весници и телевизии, даваат „велеучени“ изјави, коментираат појави и состојби. За „сценскиот“ впечаток да биде уште поголем, интелектуалцитепрофитери бараат противник кој со нив ќе полемизира, а бидејќи умните тоа го знаат и не се впуштаат во таква полемика, тогаш интелектуалците-профитери меѓусебно се напаѓаат, врескаат, вреѓаат, и на тој начин си ја зголемуваат својата слава и профит.
Секој сериозен разговор со овие интелектуалци, всушност, е – неможен, бидејќи за таков разговор е потребно како претпоставка да се има барем минимална непристрасност и толеранција и барем минимално познавање на темата за која станува збор. Наместо тоа, од овие интелектуалци редовно добивате монолози од една супериорна позиција која замислуваат дека ја имаат, добивате негирање и презир кон аргументите, добивате целосни пресврти во ставовите што ги застапуваат, во зависност од дневнопо-литичката проценка за она што за нив е корисно. Сите тие со својот слугински менталитет поседуваат опортунизам кон посилниот, кон оној што во моментот ја има власта, но, поседуваат и големи количества на себеизмама и самозадоволство само за да се замислуваат поважни отколку што навистина се. Во секој случај, никогаш не влетуваат во критика на владеачката идеологија, а „благо незадоволство“ изразуваат кон власта само кога нивните ситни материјални потреби нема да бидат задоволувани. Тогаш, навидум, се опозиција, а, всушност, се само „привремена опозиција“, оти набрзо се дофатуваат до власта и – замолчуваат! Или уште полошо, лицемерно зборуваат најдобро за она што до вчера, најгласно и најжестоко го критикувале!
Значи, за крај, да констатираме: се добива впечаток дека интелектуалците се само толпа на самодоволни, расипани, суетни и бессовесни профитери, кои единствено се расправаат меѓусебе и со останатите, само и само, за да заграбат „дел од пленот“! Како генерализација, сметам дека таквиот впечаток е погрешен. Оти, сепак, иако некои квази ТВ-интелектуалци неумерено и нападно се пропагираат, иако се чини дека умот и зборот ја загубиле својата моќ, сосема сигурно е дека сѐ уште има вистински интелектуалци кои читаат, мислат и ја критикуваат стварноста. И од тоа не се откажуваат, заради ситни пофалби, медиумски презентации, ситни материјални придобивки… За нив, секогаш, „науката не е обичен опис на затекнатата стварност или едноставна репродукција на фактите“ (Макс Вебер), туку инструмент за промена на светот кон подобро. Оттаму, иако знаењето и мислењето, за оној кој ги поседува, секогаш се огромен товар, па дури и „болест од која се умира“, сепак, за вистинските интелектуалци, знаењето, мислењето, сомневањето и критикувањето се единствен начин да преживеат.
(Текстот е објавен во книгата „За свеста и совеста“,Аз-Буки, Скопје, 2012.)