Државниот архив на РС Македонија и Државната агенција “Архиви” на Република Бугарија заеднички подготвија изложба: “Стари балкански фотографии” на која се прикажани архитектурата, народните носии, обичаите и занаетите од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век на балканските простори.
Изложбата, што ќе трае десет дена и која ја подготвија експерти од двата Архива, е отворена во Музејот на Македонија од страна на директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески, неговиот бугарски колега д-р Михаил Груев и д-р Јасмина Дамјановска, а збор имаше и амбасадорот на Бугарија во нашата земја, Ангел Ангелов.
Државниот архив настојува да ја афирмира својата архивска документација врз основа на меѓународните програми за културна и научна соработка што е директно воспоставена со над 20 архиви во Европа и светот.
” – Оваа изложба го потврдува значењето на фотографијата како битен историски извор на кој треба да му се посветува големо внимание во интерес на зачувувањето на нашата историја, култура и традиција” – нагласи директорот на Државниот архив, д-р Емил Крстески.