Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши за време на неговото учество на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, денеска се сретна со комесарот за проширување на ЕУ и за соседска политика во Европската комисија Јоханес Хан и со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Од владата информираат дека на средбата со еврокомесарот Хан било констатирано дека спроведувањето на историскиот Договор од Преспа се одвива според планираното, и дека сега е време сиот напор на политичките процеси во Република Македонија да се фокусира на нагласена имплементација на реформите, за да се овозможи старт на преговорите за членство во ЕУ.
„Во разговорот со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг уште еднаш беа афирмирани пораките за поддршка и охрабрување што и понатаму стигаат од НАТО, да се финишира спроведувањето на Договорот од Преспа, како и очекувањето на почетокот на ратификацијата на протоколот за членство. Премиерот Заев потенцираше дека нашата земја е целосно подготвена за тој значаен чин, како еден од двата врвни приоритети на Република Македонија на меѓународен план во 2019 година“, се вели во владиното соопштение за средбите во Давос.