Заев и Верушевски дојдоа на рочиштето за „Пуч“

Сподели

zaev-i-verushevski-puch

Обивинетите во случајот „Пуч“, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, и неговата сопруга Соња Верушевска, утринава пристигнаа во Основен суд Скопје 1.

На рочиштето се очекува да пристигне и специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која вчера го најави своето присуство во судот.

Последното рочиште од овој случај се одржа на 2 март, кога Јанева побара одложување на расправата бидејќи, како што рече, на судењата не доаѓа сведокот кој е оштетен во случајот, и бидејќи од судот не им се доставени копиите од списите и електронските докази што им се потребни за да ги подготват воведните говори.

Јанева тогаш не го кажа името на сведокот, но јасно е дека станува збор за поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

На почетокот на јуни, по укинувањето на аболицијата, Апелацискиот суд Скопје ги прифати жалбите на СЈО и на обвинетите во „Пуч“ против одлуката на Кривичниот суд за запирање на процесот и донесе одлука судењето да продолжи. Апелацискиот суд претходно донесе одлука со која му наложи на Кривичниот суд да ѝ ги даде на Јанева копиите и доказите, но од првостепениот суд одговорија дека тие немаат обврска да ги дадат копиите и покрај одлуката на Апелација која, според нив, не е обврзувачка.

meta.mk