Заев-Мурати: Независноста на Уставниот суд – основен предуслов за владеење на правото

Сподели

 

Премиерот Заев оствари средба со претседателот на Уставниот суд Сали Мурати, со кој разговараа за неколку актуелни прашања од сферата на уставното судство и правосудството.

Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Сали Мурати го информираше премиерот Заев за неодамна остварената посета на Турција каде што нашата делегација на Уставниот суд оствари средби со највисоки претставници на уставното право на Турција, како и со претставници на правосудните и политичките институции на оваа земја на кои било разговарано за можната соработка, особено во делот на размената на искуства од работата на судските институции во двете земји.

На средбата меѓу Заев и Мурати стана збор и за целосната поддршка која Владата ја пружа за јакнење на капацитетите и независноста на судските институции во сите инстанци, вклучително и независноста на Уставниот суд, како основен предуслов за владеење на правото и правната држава.

Двајцата соговорници на средбата се согласија и за неопходноста од натамошно обезбедување на материјалната и финансиска самостојност на работењето на Уставниот суд и другите институции во правосудниот систем за целосното остварување на нивната независност согласно принципите за поделба на власта во општеството.

Заев и Мурати се согласни дека Уставниот суд треба да продолжи да ги следи и практикува меѓународните стандарди и искуства кога е во прашање домашното уставно право.