Лидерот на СДСМ, Зоран Заев потврди дека доцна синоќа од ДУИ добиле документ со предлог решенија за Законот за употреба на јазиците. Тој додаде дека лично не го видел документот што содржи, но работна група составена од Оливер Спасовски, Радмила Шекеринска и Рената Дескоска го разгледуваат материјалот.
– За нас е прифатливо се што е во рамките на Уставот и потребите на граѓаните Албанци или од било која малцинска заедница. Предлогот да е уставно издржлив и уставно издржан и да ги одразува практичните потреби на граѓаните. Со вака широко доставени рамки не знаеме кога ќе донесеме одлука. Како што реков предлогот стигна доцна синоќа и го разгледуваме – изјави Заев.
Во однос на пробивањето на роковите за формирање на нова влада, Заев истакна дека верува дека треба да се изнајде брзо решение, а причина повеќе за тоа се роковите за локалните избори кои треба да ги забрзаат преговорите помеѓу политичките субјекти
– Правниците повеќе се упатени, но мислам дека од 70 до 90 дена е рокот за распишување на локални избори. Крајот на февруари или почетокот на март тие веќе треба да се распишат за да се одржат околу 7 или 14 мај. Оттука формирањето на влада е потребно што побрзо – рече Заев.
Заев ова го истакна на одбележувањето на 95 години од постоењето на Стопанска комора на Македонија на која присуствуваат голем број на бизнисмени, дипломати, поранешни премиери и политичари од Западен Балкан.
Заев истакна дека ова е одлична можност да се слушне од докажани бизнисмени и експерти во која насока треба да оди политиката во државата.