Премиерот Зоран Заев ја поздрави одлуката на членовите на ДИК да ги вратат парите од бонусите, поради критиките на јавноста, како и оставките на дел од нив оценувајќи ги како морален чин.
– Се работи за исклучителни професионалци кои имаа сериозна улога во едно сериозно време и ја завршија професионално. Одлуката што ја донесоа знам дека е законска, но веројатно е неетичка и неморална. Јас го поздравувам чинот што го поднесоа сите, а тоа е враќање на парите назад во Буџетот, а истовремено поднесоа и лична одговорност како морален чекор, веројатно поради критиките на јавноста – рече Заев.
Тој оцени дека истовремено тие испратија и сериозна порака на морално и етичко однесување што уследи по реакциите на јавноста, поради, како што рече, нетранспарентноста на одлуката која ја донесоа и поради тоа што претходно не ја информираа јавноста за намерата да го искористат членот 19 што им овозможува дополнителни надоместоци.
Прашан за случајот „Поткуп“ и тоа зошто не сака со помош на содржината на снимката да докаже дека не зел поткуп, премиерот Заев рече дека токму спротивното, сака да биде објавена целата снимка.
– Апсолутно, сакам целата снимка да се објави. Тоа од самиот почеток е моја главна теза за да може на транспарентен начин јавноста да согледа што е во суштина самиот случај. Јас ќе ја докажам мојата невиност затоа што не постои поткуп, не постои примање на пари. Но, сакам да одам и понатаму. Образот е поважен од правичноста на постапката. Јас сум политичар кој има намера да се занимава и понатаму со политика. Важен е мојот образ и верувам дека судот во соодветна постапка ќе одлучи да ја објави целата снимка на увид на јавноста за да граѓаните конечно видат што се деталите од самиот разговор – рече премиерот Заев.