ЗАЕВ: Правда, дисциплина, прочистување на правосудството и неселективно владеење на правото

Сподели

 

“Во следниот мандат градиме уште поодговорни и уште поотворени институции, силно посветени на интересите на граѓаните.

Следува период на структурни реформи во јавната администрација, за да стане уште поефикасна. Граѓаните и стопанството во неа да препознаат силен и доверлив партнер. Ако можевме да стекнеме доверба во здравствените работници следејќи ги нивните напори и пожртвуваност, убеден сум дека по тој пример сите јавни служби целата државна администрација може да даде максимум услуги кон граѓаните.

Една од поголемите реформи во институциите се случува токму денеска. Новата Влада во својот состав ќе има седум министри помалку, за уште поефикасна работа во интерес на граѓаните.

Пандемијата предизвикана од коронавирусот покажа дека дигиталните услуги и дигитализацијата на јавната администрација, не само што се неопходни, туку се и корисни и потребни, особено во услови на криза, кога и со преполовени капацитети се испорачуваат сите услуги.

Токму во таа насока ќе продолжиме и во следниот период. Но, самата дигитализација не е доволна ако администрацијата не е силна и ефикасна на сите позиции.

Ставаме силен фокус на промени во структурата, квалитетот и големината на администрацијата. Ќе разгледаме неколку модели за намалување на обемот на администрацијата за 20%, преку спојување на функции и надлежности на институциите, задолжително пензионирање на 64 години, пакети за трансфер во приватен сектор или предвремено пензионирање.

Следува целосна реорганизација на јавната управа преку оптимизирање и очекувано намалување на бројот на институциите, намалување на трошоците за работа, подобрување на управувањето и зголемување на ефикасноста во работата.

Она што е важно да се разбере е дека секој функционер, секој избран или именуван функционер е одговорен и учествува во исцртувањето на општеството што го посакуваме и кон кое се стремиме.

Не може личната амбиција да заврши само со изборот во некое државно тело.

Премиерот, секој министер, заменик министер, државен секретар, именуваните или избрани советници, директори и сите службеници во јавната администрација, треба секој ден од својот мандат да се запрашуваат: Што направив јас денеска за да ја оправдам довербата што ми е дадена? Го дадов ли својот придонес за визијата за остварување општество по мерка на граѓаните? Можам ли јас уште подобро и уште повеќе од ова?

Тоа се важни прашања, а одговорите на нив го определуваат нашето подобро или полошо утре.

Овие реформи ќе дадат резултат само ако се заокружени со вистински, суштински реформи во правосудството.

Доаѓа време на ред, правда и дисциплина, време на прочистување на правосудството и неселективно владеење на правото.

Првиот чекор е веќе направен со надлежноста на Државната комисија за спречување корупција, да ја испитува имотната состојба на судиите и јавните обвинители. Судскиот совет од своја страна, согласно новите закони, најави детална проверка на работата на судиите, особено во врска со одредени постапувања по предмети кои беа доведени до застареност со одлагање или јасно препознавање на одлуки, судски или јавно-обвинителски во кои е заобиколен или прекршен законот.

Судиите за кои ќе се докаже дека свесно и намерно застарувале предмети, ќе бидат разрешени, но ќе има и ревизија на 5 отсто од судските предмети кои ќе бидат бирани по случаен избор.

Предметите отворени од Специјалното јавно обвинителство кои со години талкаат низ судските лавиринти, мора да добијат разрешница.

За уште поголема отчетност и еднаквост пред законите, воспоставуваме систем за проверката на потекло на пари и капитал кај секој функционер.

Силната посветеност во борбата против корупцијата и криминалот, ја докажуваме и преку тоа што за првпат. Владата добива вицепремиер за борба против корупција, кој ќе биде задолжен да ги координира напорите на институциите од извршната власт задолжени за борба против криминал и корупција, но и да алармира на можни случаи на висока корупција од страна на државни функционери и јавната администрација.

Силен ефикасен правен систем е важен за државата, за нејзините граѓани, но важен е и за интеграцијата во ЕУ и отпочнување на преговорите и отворање на првите поглавја кои најчесто се однесуваат токму на владеење на правото – изјави мандатарот за состав на новата Влада, Зоран Заев, во своето експозе со обраќање кон министрите во следната Влада.