ЧЕТВРТИОТ РАЈХ И ФАШИЗОИДНОТО НОВИНАРСТВО – АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ

Сподели

Aлександар Литовски
 Александар Литовски

Техничко-технолошкиот напредок не мора, нужно, да води кон подигнување на квалитетот на човечкиот живот. Технолошкиот напредок од последните три децении, на пример, сосема очигледно доведе до усовршување на постоечките и создавање на нови медиуми, кои ја подигнуваат човечката комуникација на повисоко ниво. Вестите и информациите многу брзо се шират, а новите електронски медиуми се секојдневен одбеглив дел од човековиот живот. Всушност, новите социјални мрежи и медиуми се оние кои го создаваат, одржуваат и насочуваат социјалниот, економскиот и културниот живот.Во човековата историја нема ниту еден феномен кој се востоличил и влијаел врз животот толку многу колку медиумската моќ. Медиумскиот монопол врз протокот на информации е сосема евидентен, а медиумите како никогаш претходно се оружје за ширење и на дезинформации и лаги. Денес имаме надграден и „подобрен“ гебелсовски информативно-медиумски модел. Глобално фашизоидно новинарство! Некомерцијалните содржини од областа на науката или културата, кои едно време во минатиот век заземаа значајно место во масовните печатени и електронски медиуми, во овој глупав и полуписмен 21. век ги снема од медиумскиот „интерес“ и се заменети со информации за десничарската антикомунистичка идеологија и историја, „лесна забава“ и пропаганда на баналните идоли и идеологии. Впрочем, банкарите и останатите крупни олигарси ги плаќаат медиумите, па нормално е медиумите да го штитат нивниот политички и економски систем, оној кој им ја обезбедува генерациски криминално стекнатата приватна сопственост, им носи профити, како што е „нормално“ и настојувањето на медиумите да се „сврти“ погледот од неправдите и експлоатациите кои системот секојдневно ги произведува, а во интерес на нивните газди.
Медиумите, денес, го дегенерираат човечкиот мозок, ја уништуваат човечката мисла. Постоеа некои средновековни времиња кога мислата била прогонувана и цензурирана, а денес имаме, или дескридитирање, или одземање на смислата на незгодните и еретички мисли. Преку инфлација од јавни информации и преку организирана сатанизација на недозволените мисли и зборови. Во оваа смисла, освен продукцијата на безбројни „бенигни“ и „пофални“ текстови за капиталистичкиот систем, економија и култура, се користи и фото-мислењето. Имено, на луѓето им се нудат безброј многу фотографии и видео материјали со што се постигнува впечаток на исполнување на менталниот простор и со таквите содржини се истиснува мисловната активност. Тој процес е, скоро, максимално ефикасен, оти се спроведува врз „доброволна основа“ и без никаков отпор и присила. Човекот е деградиран до физичка појава и – ништо повеќе. Едноставно, луѓето се маѓепсани со капиталистичкиот идеал на богатството и луксузот, но и насочени кон задоволување на егзибиционистичката потреба да бидат видени од што поголем број на луѓе.

Впрочем, ако го парафразирам пишаното во романот „Џунглата“ (1906) од американскиот писател Аптон Синклер, тогаш новинарството е само „една од алатките со која индустриската автократија ја држи под контрола политичката демократија. Тоа се прави ден-за-ден, со пропагандата меѓу избори, со што умовите на луѓето се држат во состојба на согласност, па кога ќе дојдат изборите тие излегуваат и гласаат за еден од двата кандидати на своите експлоататори.“
Значи, десниот тоталитаризам, а само тој таков може да биде, денес не се појавува наеднаш, не е последица на некаква катаклизмична политичка или економска појава, туку се изградува постепено, преку суптилна ерозија на човековите права и слободи, со дискредитација на вредноста на човековото достоинство, со суптилно присвојување на државно-правни прерогативи и преку секојдневно образовно и медиумско изградување на култ кон капиталот, на системот кој овозможува профитот за малкумина и за одредени политички личности. Зарем може некој да не го забележи сосема очигледниот факт дека живееме во глобално општество во кое се отстранети скоро сите морални предрасуди, освен неколкуте лицемерно-религиозни, кои се во полза на зачувување на богатството и моќта на најбогатите, и кое таквата аморална состојба ја третира како „нормалност“ и „прогрес“. Затоа, недвојбено е дека пред наши очи постепено се изградува новиот, сега глобалистички, Четврт Рајх, а медиумските „кучиња чувари“, за кои пишува новинарот на францускиот „Ле монд“, Серж Халими во книгата „Новите кучиња чувари“, тоа го поддржуваат, пропагираат и овозможуваат.