Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот Шилегов, одржаа состанок во Владата со менаџментот на реномираната германска компанија „Лидл“.
На состанокот се дискутираше за новата инвестиција на трговскиот ланец „Лидл“ во нашата земја, за што компанијата веќе е регистрирана во Северна Македонија.
Премиерот Заев истакна дека новите инвестиции се од голема важност за земјава, во насока на зголемување на понудата, нови вработувања, како и подобрување на севкупната економија. Тој ги поздрави позитивните практики препознатливи за „Лидл“ во поглед на пазарот на труд, обучување на своите вработени, како и практикување на модерен начин за водење трговија. Воедно премиерот Заев ја потенцира важноста од натамошно унапредување на работата со Сојузна Република Германија, која е наш прв трговски партнер и истакна дека над 200 германски инвеститори вработуваат повеќе од 28.000 лица во нашата земја.
Менаџментот на компанијата „Лидл“, претставуван од Волф Тиедеман, член на Управниот одбор, Милена Драгијска извршен директор на „Лидл“ – Бугарија и „Лидл“-Северна Македонија, Бисер Инчовски – директор на централните служби како и Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија ги презентираа плановите за новата инвестиција во земјава.
Од менаџментот истакнаа дека компанијата планира својата прва инвестиција во Северна Македонија да ја реализира преку изградба на сопствен модерен логистички центар кој ќе ги поседува сите меѓународни сертификати на „Лидл“ и кој ќе служи како центар за снабдување на синџирот маркети. Опремата која ќе се користи во центарот за логистика е според најсовремените стандарди во Европа.
На средбата во однос на стратегијата за експанзија, беше истакнато дека сите маркети кои „Лидл“ планира да ги отвори во земјава ќе бидат позиционирани во градовите со одржлива демографска и економска моќ.
Плановите на „Лидл“ за инвестициите во Северна Македонија се да оствари долгорочна, одржлива, одговорна соработка, како со своите клиенти, деловни партнери, така и со своите вработени, но истовремено да делува како општествено одговорна компанија со одговорност кон животната средина. Менаџментот на компанијата Лидл истакна дека се надева на конструктивна соработка со македонските институции и во иднина.