Премиерот Зоран Заев на Меѓународната научна конференција „Минатото на јазичниот свет денес и утре“ по повод отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, рече дека Владата искрено и силно е посветена да го негува и унапреди македонскиот јазик.
Заев информираше дека во соработка со истакнати македонисти и експерти во областа, Владата веќе усвоила повеќе предлог-мерки што се насочени кон унапредување на состојбата со македонскиот јазик, за чијашто реализација е задолжено Министерството за култура.
Една од мерките е едноставен и слободен пристап, без надомест, до капиталните дела „Правопис на македонскиот јазик“ и „Толковен речник на македонскиот јазик“, а Заев потенцираше дека работата за достапноста на Правописот е во завршна фаза.
Помеѓу предложените мерки е и формирање на одбор за стандардизација на македонскиот јазик, во којшто би членувале експерти од катедрите за македонски јазик, од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, од МАНУ, како и истакнати писатели, новинари, лектори.
Заев рече дека во програмата на владата предвидено е и да се води поголема грижа за правилна употреба на мајчиниот јазик од сите чинители и дејци кои имаат влијание на јавноста (медиуми, телекомуникациски оператори, државни органи и институции) со посебен акцент на правилна употреба на јазикот уште кај најмладата популација во почетниот образовен процес.
– Јазикот е жива материја и најочигледно ќе покажеме дека се грижиме за него, преку начинот како го говориме, како го пишуваме, како го читаме македонскиот литературен јазик. Така даваме пример со каков јазик сакаме да раснат младите генерации – додаде Заев.