Заев – Ципрас: Градиме мостови, уриваме ѕидови!

Сподели

Со заедничка порака дека со Договорот од Преспа и Грција и Северна Македонија ќе имаат придобивка и полза за граѓаните и сега и идните генерации, а дека противниците на овој договор полека ќе ги увидат сите предности, Зоран Заев и Алексис Ципрас на прес-конференцијата, порачаа дека сегашните политички раководства се посветени на градење мостови и уривање ѕидови, односно на продолжување на градењето на силна стратегиска соработка. Ципрас говореше и за проблемот со дезинформациите за Преспанскиот договор.

Двајцата премиери информираа дека денеска е формиран Висок совет за соработка на двете земји, на чија што прва средба се потпишани низа договори за подобра соработка во различни области, како и за отворање нов граничен премин кај кавадаречко Мајдан. Најдоцна до средината на мај ќе се формира заедничката комисија која ќе се занимава со прашањето на употребата на името Македонија во трговските марки.

Премиерот Ципрас одговарајќи на новинарско прашање рече и дека Грција нема да инсистира да се отстранат спомениците кренати во изминатите десетина години, ако со соодветни табли се објасни дека тие го симболизираат античкото грчко наследство.

– Преспанскиот договор е во исполнување, овозможува двете земји да ги искористат целосно капацитетите на политички и економски план. Денеска одржавме Седница на Висок совет за соработка на двете земји, јас и Ципрас го потпишавме Акциониот план за договорите што ги потпишаа министрите. До средина на мај треба да се формира работна група за брендовите, денеска се потпишани меморандуми за транспорт, за проектите во енергетиката, дигитализација, прекугранична соработка, здравство.Со овие договори создаваме соработка која овозможува подобрување на животот на сите граѓани на Северна Македонија и Грција. Денеска попладне јас и Ципрас ќе го отвориме бизнис форумот со повеќе од 400 стопатнственици од двете земји. Со овој форум ние сите од политиката и стопанството обновуваме историски форум и одлична можност за инвестициска и трговска размена. Убеден сум дека оваа посета и нашатата посветеност на зацврстува на пријателските односи ќе бидат признаени како силен сигнал за регионот. Два соседи кои градат пријателски односи и кои покажаа на Европа и на светот дека тоа што беше возможност, сега е реалност – рече Заев.

Тој подоцна, одговарајќи на новинарско прашање, појасни дека од потпишувањето на Преспанскиот договор, значително е порасната трговската размена на земјава со Грција.

– Кога сите тие граѓани што имаат резерва ќе видат убави придобивки од нови фабрики, од економската соработка… На пример, за 20,7 проценти пораснала трговска размена за повеќе од половина година. Кога ќе ги видат придобивките од граничните премини, кога ќе видат искрено пријателство што три децении било заробено како птица во кафез, и оние што се со антагонизам, ќе се обидеме да ги охрабриме, оти договорот е за пријателство и стратешка соработка, а граѓаните треба да знаат дека ние целосно ќе го спроведем договорот – рече Заев, одговарајќи на прашање што со спротивставувањето на опозициите во двете земји на Преспанскиот договор.

Грчкиот премиер појасни дека се загубени три децении со можности за соработка, а двете земји сега сакаат тоа да се надомести.

– Треба да преминеме од историја на спорови, за која знаеме од кога сме биле деца дека била синомин за Балканот… Да го промениме тој наратив на национална омраза. Се обидуваме да изградиме ссоработка, взаемно разбирање и заедничкки напредок. Ова нема да биде успех само за Северна Македонија и Грција, туку за целиот Балкан – рече Ципрас, кој потенцираше дека Македонија може да одигра битна улога во веќе договорената четиристрана соработка на Грција со Србија, Бугарија и Романија, оти поврзува две од земјите.

Грчкиот премиер појасни дека неговата земја предвидела буџет од 100 милиони евра за инвестиции на Балканот, од кои голем дел е наменет за Северна Македонија. Тој појасни дека во рамкитие на договорите за воена соработка, Грција ќе понуди и заштита на воздушниот простор над земјава.

Грчкиот премиер напомена дека ќе се стави главен акцент на железничкото поврзување на Солун со Белград преку Македонија и порача дека добрите односи мора да продолжат и да се изградат здрави темели, како залог за подобра иднина на граѓаните на двете држави.

– Јасно е дека градиме стратегиска соработка на повеќе нивоа, но за таквите односи да продолжат мора да гарантираме дека ќе имаме здрави темели ќе стои на здрави нозе, тоа мора да вклучува взаемна почит и визија за взаемна соработка. Сепак, за да имаме цврсти темели и тие да опстојат, мора интензивно да работаме, за точно да го спроведуваме договорот од Преспа. Во овој период презедовме големи чекори напред и така мора да продолжиме – рече Ципрас.

Грчкиот премиер рече дека во изминативе месеци на спроведување на договорот станал забележлив проблемот со лажните вести.

– Во изминатите месеци додека бевме многу конструктивни во градењето односи, се занимававме со лажните вести. Во Грција, наеднаш, се велеше дека Договорот од Преспа создал проблеми. Но тие проблеми беа создавани 30 години и Договорот всушност ги реешава. Верувам декаво следните 2-3 години ќе ги затвориме сите прашања за да градиме соработка.  Ние сме тука да најдеме решение, да гледаме кон иднината, да премостиме јазови, да градиме мостови наместо да градиме ѕидови. Ние градиме визија што е клучна за Европа и сакам да ве уверам, Зоран и вас, дека Грција ќе ја поддржи Северна Македонија да продолжи со реформите и да стане дел од ЕУ. Верувам дека овие напори се вредни, вреди да се трудите, ние ќе бидеме тука да ве поддржиме во целото пристапување и тој процес – рече грчкиот премиер.

На новинарско прашање за спомениците, Ципрас рече дека соодветното обележување на спомениците ќе ги разбие аргументите на сите противници на Договорот и дека Грција, како светска култура, со соодветно обележани споменици, ќе биде присутна и во земајва.

– Спомениците што се однесуваат на античка Македонија, односно нивното распоредување и специфично обележување и менување ќе разјасни дека се дел од античкото грчко минато и култура, која е дел од светската култура – рече Ципрас.