Премиерот Зоран Заев, заедно со народниот правобранител Иџет Мемети и извршниот директор на Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Уранија Пировска, денеска го посетија Казнено-поправниот дом „Идризово“.
Премиерот Заев не го криеше разочарувањето од условите во затворот, и додаде дека му е срам што е премиер на држава со таков затвор.
„Срам ми е што сум премиер на држава со ваков затвор. Јас сум за закон за амнестија, се надеваме дека што побрзо ќе може да влезе во владина и собраниска процедура. Во „Идризово“ се 1800 затвореници, а капацитетот е за 800 луѓе. Овде нема минимум хумани услови за издржување на казна“ – соопшти Заев.
Едно од решенијата, според Заев, е законот за амнестија, тема која, како што рече, е веќе отворена, веќе неколку невладини организации имаат отворено дебати, а Народниот правобранител и Министерството за правда имаат свои мислења.
-” Очекувам да се отвори дебата, пред се институциите кои се надлежни и многу често повикани од Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет, како и од многу граѓански организации и активисти. Многу често нашите сограѓани коишто издржуваат казна знаат да испратат апел и порака преку социјалните медиуми испраќајќи слики на нивните услови и токму поради ова денеска сме овде”, додаде Заев.