Премиерот Зоран Заев утре во Вашингтон ќе има билатерална средба со потпретседателот на САД, Мајк Пенс, информираат од владиниот кабинет.
„Средбата ќе се реализира на покана на потпретседателот Пенс, а на неа ќе се разговара за напредокот на Република Македонија кон членството во НАТО“, информира владината прес-служба.
Средбата следува три дена откако во Македонија дојде американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, а претходно во државата беше и помошник-државниот секретар на САД Вес Мичел.
Матис на прес-конференција со Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска порача дека „гласот на референдумот е најважниот глас во историјата на вашата нација“ и ја потенцираше поддршката на САД.