Законот за јазиците влегува во собраниска процедура

Сподели

Собраниската Комисија за европски прашања денеска ќе одржи седница на која треба да го разгледа новиот Предлог закон за употреба на јазиците, во прво читање.

Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно со закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, (албански јазик).

Тој треба да им овозможи на граѓаните користење, употреба и примена на службени јазици и нивните писма во судските, управните, извршните постапки, предистражните и истражните постапки, кривичните и прекршочните постапки, парничните и вонпарничните постапки, постапката за извршување на санкции, како и другите постапки предвидени со други закони, судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции.