Нова акција за собирање на кабаст отпад ќе се одржи во општина Кисела Вода. Како дел од бројните активности за заштита на животната средина, во периодот од 27 мај до 7 јуни во сите месни и урбани заедници на територија на општината, ќе бидат ангажирани одговорни лица и сезонски работници кои секојдневно бесплатно ќе го подигаат кабастиот отпад од пред домаќинствата или колективните згради, информираат од Општина Кисела Вода.
“Пријавувањето започнува утре, петок, 17 мај, и ќе трае една седмица, односно до 23 мај 2024. Секој жител на општина Кисела Вода кој поседува кабаст отпад и сака истиот да биде подигнат и депониран на соодветна локација, ќе може да закаже термин на телефонскиот број 02/2785-427 секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.
Кабастиот отпад треба да биде поставен пред објектот кој е претходно договорен, на безбедна локација со што не би се загрозила безбедноста на пешаците, велосипедистите и останатите учесници во сообраќајот, кои ќе се движат во тој период.
Само со одговорно однесување на секој поединец заеднички ќе можеме да ја одржуваме Кисела Вода чиста и уредна. Зачувувањето на природата и животната средина е наша заедничка обврска и одговорност. Затоа апелираме до сите граѓани да се приклучат на оваа акција. Поддршката и заедничката ангажираност се од суштинско значење за нашата заедница.”