ЗБОРУВАЧИ НА ВИСТИНАТА – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

 

Изградбата на националистичко-клерикалната фашизоидна држава во последните единаесет години беше смислен проект на македонската десница, а за реализација, како што ни е добро познато, беа потрошени големи државни финансиски средства и беа ставени во функција на логистика сите државни ресурси. Секако, на крајот, изградбата на ваквата држава произведе политички последици: режим, заробени и партизирани институции, губење на демократијата, партизирани институции; произведе атмосфера на страв јавно да се зборува и критикува, неслобода, омраза кон политичкиот опонент, агресивност кон различните; произведе економски последици: прераспределба на националното богатство и создавање на портокалова буржоазија, зголемување на јазот меѓу сиромашните и богатите, неефикасни и зависни приватни стопански субјекти, економски привилегии за малкумина и радикална социјална нееднаквост, стопански бандитизам со кој темелно нè испокрадија и осиромашија; произведе идејно-идеолошки последици: национализам, шовинизам, бесен антикомунизам, историографски ревизионизам со силна митоманија; го поттикна нашето стрмоглаво морално паѓање, ја урниса институционалната ефикасност и го девастира државниот кредибилитет.

Историски подледнато, долгогодишниот странски јарем и, уште повеќе, долгогодишните врховистичко-асимилаторски тенденции, ја деформираа свеста и совеста на многу наши луѓето, па не само што стекнаа слугински менталитет, туку не знаеа ниту кои се и што се во минатото, а нивните потомци не знаат ниту денес. Од овие последните се регрутираше и современата портокалова легија на одроденици, оти тие лесно се откажуваа од македонството и трчаа по бугарски државјанства и пасоши, беа лесно поткупливи, лесно превртливи и крајно злобни. Впрочем, иако некои умни луѓе тврделе дека човечката памет е безгранична, нашиве портокалови морони покажаа и докажаа дека таквата констатација е целосно неточна. Имено, тие јасно покажаа дека под определени околности и со добро осмислена медиумска кампања мозоците на луѓето можат да бидат димензионирани на обем од зрно песок.

Тие единасетина портокалови години беа време во кое полна смисла имаа зборовите на Меша Селимовиќ: „Ќе те застанат на секој чекор, ќе ти го згадат секој обид, ќе ти понудат безброј докази дека најдобро е да молчиш, да мируваш, да гледаш од страна.“ Во времето на триумф на ова наше сеопшто националистичко лудило, кога тоталната гебелсовска пропаганда беше во полн замав, кога ќотекот, апсењата, политичките прогони, медиумскиот линч и сеопшта граѓанска несигурност беа вообичаени, токму тогаш и најслабиот отпор беше како сигнал од светлечка ракета на мрачното небо. Тој почетен „слаб“ отпор беше знак дека, сè уште, има надеж, дека, сè уште, не се сите бродови потонати. Nota bene, отпорот преку јавно изнесување на критички политички став значеше лична пожртвуваност. Ова е нужно да се нагласи, и нужно е да се повторува, за да не се заборават нашите храбри зборувачи на вистината, кои фактички ја водеа и извојуваа победата врз злосторничко-криминалното портокалово здружение и ни овозможија „втора шанса“ за да ја направиме сопствената држава пристојно место за живеење.

Вистината, суровата непријатна вистина за „народот“, е „одбивна“, оти ниеден народ не сака да слуша за себе непријатни нешта. Затоа, оние кои му ја кажуваат непријатната вистина на народот, оние што се вистиноговорители, многу често, а особено под влијание на фашизоидната пропаганда, тој народ ги етикетира како нихилисти, игноранти, злонамерници, национални предавници, петта колона… Меѓутоа, да се откриваат и презентираат изминатите грди и гнасни работи од општествено-политичкото живеење е полезно, оти како што рече Хегел: „Историјата има тенденција да се повторува: првиот пат како трагедија, вториот пат како фарса.“

Вистината за нас во овој политички момент е еден вид ментало прочистување, кое ни е потребно за да се исчистиме од смрдеата и гнасотилакот, од одвратната и гадна реа на нашата сегашна засмрдена десничарска, малограѓанска, лицемерна и медиокритетска стварност. Впрочем, пакистанскиот писател Тарик Али убаво забележал: „Нема оправдување, ако во истата дупка паднеме и по трет пат.“ Затоа, нашите храбри големопоседници на богати ризници со морал, тие наши непоколебливи вистинољубители и вистинозборообразувачи, ни беа и, сè уште, ќе ни бидат насушно потребни, секогаш да ни ја кажуваат вистината и со тоа да ни овозможат да се држиме испрвено, да се држиме над водата и да не се удавиме во морално крајно изгнасената бара викана македонска општествена и политичка сцена.