Зеленски во САД на средба со Бајден

Сподели

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е на пат за Вашингтон, каде што денеска ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден, пишува Би-би-си. Ова е негово прво патување во странство по инвазијата што Русија ја започна на 24 февруари годинава.

Белата куќа, исто така, го потврди патувањето и соопшти дека ќе ја снабдува Украина со американските системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, со што значително ќе се зголеми способноста на Украина за одбрана од постојните ракетни напади што ги врши Русија врз цивилни цели.

Зеленски е предвидено да се обрати и во Конгресот и да одржи голем број состаноци во САД.

„На пат кон САД за да ја зајакнам отпорноста и одбранбените капацитети на Украина“, напиша Зеленски на Твитер.

Володимир Зеленски досега редовно беше домаќин на странски лидери во главниот град Кијив и ги посетуваше војниците низ Украина. Неговата последна посета беше токму на војниците што го бранат градот Бахмут од руска окупација.

Сепак, ненадејната посета на странска земја е прва од почетокот на руската воена инвазија и исто така ја сигнализира важноста на односите на Украина со САД, кои одиграа водечка улога во обезбедувањето воена поддршка.

На својот брифинг пред посетата на Зеленски, Белата куќа потврди нов пакет од речиси 2 милијарди долари воена помош за Украина. Во пакетот е вклучен и системот „Патриот“, а украинските власти подолго време апелираат за помоќни системи за противвоздушна одбрана што ги добиваат од западните земји.

Белата куќа соопшти дека ќе ги обучува украинските војници како да го користат системот „Патриот“ во „трета земја“ и дека ваквата обука „ќе потрае некое време“.

Во моментов, исто така, се работи во САД за да се протурка нацрт-законот кој на Украина ќе ѝ даде повеќе од 40 милијарди долари дополнително финансирање во 2023 година.

Во однос на севкупните трошоци за директна воена поддршка од почетокот на конфликтот, САД имаат посветено многу повеќе од која било друга земја. Би-би-си пишува дека САД годинава заклучно со 20 ноември имаат издвоено 18,51 милијарди долари воена помош и оружје, по што следуваат Германија со 2,34 милијарди долари и Обединетото Кралство со 1,9 милијарди долари.

Претседателот Зеленски вели дека месечните трошоци за одбрана на Украина се околу 5 милијарди долари.

Во меѓувреме, во Украина и понатаму се гине. Руските сили продолжија со ракетни и артилериски напади врз населени места во Днипропетровскиот, Херсонскиот и Донецкиот регион во изминатово деноноќие. Меѓу погодените цели се и цивилни објекти, кои немаат никаква поврзаност со украинската армија.

Укринформ јавува дека двајца цивили загинале, а осуммина се повредени во текот на вчерашниот ден во Донецкиот регион како резултат на руските воени дејствија. Во Свјатохирск биле пронајдени тела на двајца цивили убиени за време на руската окупација на овој град. Еден цивил загинал, а шесторица се повредени вчера во нападите врз Херсонскиот регион.

Американската војска проценува дека од почетокот на руската воена инвазија врз Украина на 24 февруари биле убиени или повредени 100.000 украински и 100.000 руски војници, додека војната досега однела околу 40.000 цивилни жртви. Проценките на Обединетите Нации се дека има 7,8 милиони бегалци од Украина кои се раселени во соседните земји, а оваа бројка не ги вклучува украинските граѓани кои се внатрешно раселени во земјата./Мета.мк