ЗЕЛС застапува развој на општини кои ќе обезбедат поквалитетни и поефикасни услуги за граѓаните

Сподели

 

Градоначалничката на Град Скопје и претседателка на ЗЕЛС, Данела Арсовска, Кејт Мари Брнз, амбасадор на САД, Стефан Худолин, шеф за соработка на Делегацијата на ЕУ, претставници на централната власт и многубројни гости, денеска присуствуваа на свеченоста по повод јубилејот – 50 години од основањето на Заедницата на единиците на локалната самоуправа.

 

 

– Денес улогата на ЗЕЛС е навистина значајна, пред се во делот на застапувањето на интересите на единиците на локалната самоуправа, со цел подобрување на законските решенија кои се однесуваат на надлежностите на општините, а се во насока на интензивирање на процесот на децентрализација на власта којашто во минатите години стагнираше. Посветување на продолжување на процесот на децентрализацијата е приоритет на ЗЕЛС, кој е посветен на активно јакнење на капацитетите на општините, а се со цел да се овозможат подобри, поквалитетни и поефикасни услуги за граѓаните – рече градоначалничката Арсовска, во своето обраќање.

Арсовска додаде дека во далечната 1972 година, тогашните 34 општини ја дале својата согласност за основање на ЗЕЛС, со што е создадена цврста платформа за најшироката соработка на општините во Македонија. Денеска, нагласи таа, ЗЕЛС одбележува 50 години од формирањето.

Амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, пред присутните ја нагласи важноста од постоењето на ЗЕЛС и функционалните општини и истакна дека САД секогаш ќе го поддржуваат развојот на единиците на локалната самоуправа во нашата земја.

Според Стефан Худолин, шефот за соработка на Делегацијата на ЕУ во земјава, пак, Европската унија дава поддршка и инвестира во развојни проекти за да им помогне на македонските општини со значајни проекти, особено во делот на енергетска ефикасност.