Владата на вчерашната седница донесе повеќе заклучоци за оддавање достојно признание на авторите на филмот „Медена земја“, кој по серијата највисоки меѓународни филмски признанија, е номиниран за највисоката филмска награда „Оскар“ во две категории.
Како признание за овој најголем филмски успех на македонските филмски уметници и протагонисти на филмот „Медена земја“, Владата усвои повеќе предлог заклучоци за згрижување на протагонистите и за награди на филмската екипа на „Медна земја“.
Владата го задолжи Министерството за труд и социјална политика да ги преземе сите потребни активности со кои ќе обезбеди материјална помош и домување за Атиџе Муратова и осумчленото семејство што учествуваше во филмот.
Министерството за култура има задолжение да обезбеди државна награда соодветна за достигнувањето на пет-члената екипа која го сними филмот, која треба да предвиди признание за успехот и месечен материјален надомест.
Владата препорача Агенцијата за филм, да организира настан прес-конференција во која ќе разговара за улогата на владината агенција и фер распределбата на буџетските средства за поддршка на македонски филмови, и на прес-конференцијата да се поканат и продуцентите односно филмската екипа.
Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да организира серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, а Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука, да организираат емитувања на филмот „Медена земја“ за сите средни училишта во земјата, на Универзитетите и во домовите на култура, за широка афирмиција на големите и благородни пораки што ги пренесува филмот.
Канцеларијата на претседателот на Владата презема обврска, во соработка со продуцентите на филмот да организира бесплатно емитување на филмот за граѓаните во кината, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик.
Како дел од одлуките за признание за авторите и протагонистите на филмот „Медена земја“, Владата ги задолжи Генералниот секретаријат, во соработка со Агенција за филм и Канцеларијата на претседателот на Владата, да ги преземат патните трошоци околу патувањето на петчлената филмска екипа и протагонистката на доделувањето на Оскарите.