Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, учествува на 36-тата министерска Конференција на Меѓународната организација на Франкофонијата, која на 30 и 31 октомври, 2019 година се одржува во Принципатот Монако.
Оваа година, Конференцијата се одржува под мототo “Помирување меѓу човештвото и планетата: Перспективи во франкофонскиот простор, во пресрет на 50 години од постоењето на Организацијата на франкофонијата”.
Во своето денешно обраќање, заменикот министер Жерновски ја реафирмираше улогата на Република Северна Македонија како активен член на оваа организација. “Како дел од франкофонското семејство, континуирано ги афирмираме вредностите на македонското општество – демократијата, мултиетничноста, толеранцијата и солидарноста”, изјави заменикот министер.
Кога станува збор за патот кон полноправното членство во ЕУ, ЗМНР Жерновски ја искористи говорницата во Монако за да упати апел до пријателска Франција и до останатите земји членки на ЕУ, кои се дел и од франкофонското семејство: “Ние ги разбираме позициите на Франција во однос на ЕУ и нејзиното проширување и не бегаме од новата методологија која се најавува. Напротив, го поддржуваме секој нов процес што ќе придонесе за поефективна трансформација на нашето општество, но европската перспектива на Репубика Северна Македонија не смее да биде доведена во прашање”.
Понатаму, говорејќи во овој контекст, нагласи дека сторената грешка со недоделувањето на датум за преговори на нашата земја за членство во ЕУ, која грешка е нотирана и во последната Резолуција на ЕП, треба да се коригира во интерес на стабилноста на регионот и на цела Европа.”Мојата земја мора да ги започне преговорите со ЕУ, како сигнал за продолжување на реформите за кои токму Франција се залага”, изјави Жерновски.
“Од секој аспект, Република Северна Макединија и географски, и културно, и историски е интегрален дел на Европа и доколку сакаме да зборуваме за силна, мирна и просперитетна Европа, нашата и земјите од регионот треба да бидат дел од ЕУ”, истакна ЗМНР Жерновски.
На маргините на Конференцијата, заменикот министер Жерновски оствари билатерални средби со министрите за надворешни работи на Монако, Луксембург, Белгија, Малта, Босна и Херцеговина.
На годинешната Конференција на Франкфонијата учествуваат министри и претставници на држави и влади на 88 земји од сите континенти во кои се говори и користи францускиот јазик.