Жерновски од Лондон: Го добивме најдобриот Извештај до сега

Сподели

 

Национална Академија на Науките, Заменик министерот Андреј Жерновски, беше поканет да биде главен говорник на “5-тата Заедничка научна конференција – Западно балканските процеси”, што се одржува во Лондон.

Од страна на академската заедница на земјите членки на ЕУ, вклучени во Берлинскиот процес, Република Северна Македонија беше издвоена како позитивен пример во регионот, и од тие причини имаше посебна  улога на Конференцијата.

На самиот ден на објавување на Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија, од страна на Европската комисија, Жерновски на Конференцијата изјави: “Го очекуваме најдобриот Извештај досега. Убавите вести за мојата држава од Брисел ги дочекувам во Лондон, заедно со нашите пријатели и поддржувачи, а ќе ги пренесам во Скопје како порака за светла иднина на моите сограѓани. Комисијата во својот Извештај ја рефлектира подготвеноста на Северна Македонија за почеток на преговорите со Европската Унија, како потврда за остварениот напредок”.

 

 

Тој изрази очекување дека Европскиот совет ќе ја потврди одлуката од минатата година, за старт на преговорите на РСМ со ЕУ, а тоа ќе значи гаранција за стабилноста и задржување на фокусот на реформските процеси.

Заменик министерот Жерновски, имајќи ја честа да зборува за достигнувањата на Република Северна Македонија пред еден ваков респектабилен аудиториум, истакна дека за многу краток период продуциравме позитивни резултати на планот на внатрешните реформи, станавме земја која потпиша пристапен протокол за членство во НАТО и земја-модел која со решавањето на историски конфликтни ситуации ги претвори во одржлива заедница на пријателство и доверба.

Во своето излагање, тој нагласи дека европската интеграција на Балканот е геостратегиска инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа, базирана на заеднички вредности и стандарди.

Воедно, пред присутните посочи дека за нашата држава, Европа значи многу повеќе отколку само унија, отколку само раст и економска сигурност. “За нас, Европа значи гаранција за нашата независност, слобода и демократија”, рече Жерновски.

Говорејќи за придобивките на Преспанскиот договор, беше посочено дека, ние, сакаме да послужиме како пример и инспирација за решавање на сите билатерални прашања на Западен Балкан како и дека даваме силна поддршка на изнаоѓање одржливи решенија, засновани на европските вредности и меѓународното право кои трајно ќе го стабилизираат регионот и ќе го подготват за интеграција во ЕУ. Во тој контекст, Жерновски истакна дека “Нема силна Европа без успешен Балкан, а успешен Балкан е оној што е интегриран во ЕУ”.

Жерновски во Лондон ќе има работна вечера и со претседавачот на “Охрид групата” и поранешен генерален секретар на НАТО, Лорд Џорџ Робертсон.