Партиска делегација на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, во состав Весна Бендевска и Павле Арсовски, потпретседатели и Горан Минчев, генерален секретар на партијата, ја доставија Националната Платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални интереси до ВМРО – ДПМНЕ.
Потпретседателката Бендевска изјави дека ќе ја достават Платформата до коалиционите партнери и на политичките партии за да се постигне национален консензус за клучните работи од интерес на државата, на внатрешен и на надворешен план.
„Започнуваме и ќе ја доставиме на рака на нашиот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ. Тие ќе се запознат со содржината, а потоа ние сме подготвени да разговараме и да ги објаснуваме позициите што се содржани во нашата понудена национална платформа“, рече Бендевска.
Запрашана дали очекуваат Платформата да ја прифатат од владиниот албански коалициски партнер Вреди, таа одговори дека ќе се разговара и со нив и додаде:
„Очекуваме да ја разгледаат и да дадат свои забелешки. Текстот не е конечен и ововзможува соработка. Конечно Македонија е мултикултурно и мултиетничко општество. Движење ЗНАМ за Наша Македонија, се обидува да ја врати државата, заедничка Македонија, на Крушевските принципи, на АСНОМ-ските принципи. Затоа откажувањето и пред да разговараме и да ја соопштиме содржината е претерано и избрзано. Верувам дека има можност, конечно сите сме одговорни за иднината на Македонија за нашите нови млади генерации“.
Во однос на ставот за отфрлање на предлогот од опозициските СДСМ и Левица Бендевска рече дека не треба да се избрзува.
„Потребно е да ја проучат Националната платформа и потоа да го кажат својот став. Може да се направи заеднички документ кој би им одговарал на сите“, потенцира таа.
Во однос на поддршката од Европскиот фронт, кој исто така ја отфрли Платформата, потпретседателката на ЗНАМ, Бендевска рече:
„Ние ќе направиме се’. И веруваме дека е можно да се најдат вистинските начини и Македонија да ја вратиме на вистинскиот пат, модерна, современа европска држава. Ќе си дадеме време. Ќе разговараме и подаваме рака на сите, бидејќи ова е навистина многу важен државнички чекор. Националната платформа е натпартиски, надетнички, над сите можни нивоа важна како чекор. Македонија прво треба национално внатрешно да се обедини за да зајакне нејзината меѓународна позиција“.