Здружението на новинарите (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) по повод известувањето на дел од медиумите во врска обидите за самоубиство ги повикуваат новинарите на максимално почитување на етичките стандарди и норми и воздржување од сензационалистичко информирање.
Притоа, потсетуваме на член 7 од Кодексот на новинарите, според кој „новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост“. Воедно, потсетуваме и на обврската на медиумите содржана во член 8 од Кодексот, според која „начинот на информирање во случаи на несреќи мора да биде ослободен од сензационализми“. Овие членови од Кодексот јасно упатуваат на обврската на новинарите да известуваат за случаите на самоубиства или обидите само доколку станува збор за поширок јавен интерес или, пак, кога станува збор за јавни личности, со цел објективно да се информира јавноста и да се избегнат можните шпекулации. Но и во тие случаи новинарите имаат одговорност да известуваат урамнотежено, со сигурни докази потврдени од релевантни извори и секогаш почитувајќи ги личната болка и жалост на најблиските, се наведува во соопштението на ЗНМ и СЕММ.