Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува нападот кој се случил вчеравечер во еден скопски локал врз новинарот и уредник на Лидер, Љупчо Златев. Тој веднаш по инцидентот го пријавил случајот во полиција, по што е направен записник од страна на полициските службеници.
Бараме од Министерството за внатрешни работи итно да ги истражи мотивите за нападот како и лицата кои биле вклучени во инцидентот. Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство само преку брза постапка ќе покажат дека постои волја за расчистување на случаи во кои има напади врз новинари. Со тоа ќе се придонесе кон обесхрабрување на идни напади, а и ќе се подобри степенот на безбедност на новинарите и медиумските работници.
Сите видови на притисоци и закани кон новинарите и медиумските работници негативно се одразуваат на слободата на изразување и креираат ефект на самоцензура.
Очекуваме од идната влада сериозно да се зафати со креирање на безбедна работна средина за новинарите како еден од најважните предуслови за слободно новинарство – се наведува во соопштението на ЗНМ.