ЗНМ најостро ги осудува заканите кон новинарската екипа на ТВ Клан

Сподели

 

 

 

Здружението на новинарите на Македонија најостро ги осудува заканите кон новинарската екипа на ТВ Клан. Денеска новинарот Фуркан Салиу и снимателот Ибрахим Мамути биле на терен во селото Ваксинце, каде забележале и снимиле поголема група на емигранти која се движела во тој регион.

Откако ја направиле снимката, тие со автомобил се упатиле назад кон Скопје, по што, еден автомобил со кумановска регистрациска табличка им го пресекол патот, а од него излегол човек кој директно им се заканил на новинарите и побрал од нив да ги избришат снимките и да не ги објавуваат.

Здружението на новинарите на Македонија бара од Министерството за внатрешни работи итно да го идентификува лицето кое се заканило на новинарите и да поднесе соодветна кривична пријава до Основното јавно обвинителство. Според новинарската екипа на ТВ Клан, случајот е пријавен во полиција веднаш по примање на заканите. Затоа, очекуваме МВР веднаш да започне истрага, а со тоа да се испрати порака дека такви напади нема да се толерираат.

Освен тоа, ги повикуваме домашните и меѓународните институции кои работат на заштита на правата на мигрантите да се заинтересираат за случајот и да помогнат за целосно расчистување. Потсетуваме дека цензурата е забранета со Уставот, а заканите кон новинарите се апсолутно неприфатливи, претставуваат кривично дело и за нив се одговара пред судот.