ЗНМ: Осуда за вербално насилство против слобода на изразување

Сподели

Здружението на новинарите на Македонија го осудува напливот на координирано вербално насилство на власта против новинари, кои се насочени против слободата на медиумите и правото на јавноста да се информира.

“Ваквите напади имаат за цел да ги заплашат и замолчат новинарите и да ја задушат критиката во медиумите. Со тоа власта сака да ја спречи јавноста да се информира за важни случувања во земјата.

Обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ против Фондацијата отворено општество Македонија, за наводно корумпирање на новинарите, се чиста замена на тези на досегашната власт, која нема храброст да се соочи со сопствената одговорност за масовната злоупотреба за медиумите за политички цели.

Изјавите на директорот на Архивот на Македонија, Филип Петровски, за расчистување со медиумите на Сорос, е еклатантен пример на повикување на јавен линч против неистомислениците на власта. Исто така, потсетувањето во овој контекст, на контроверзни личности од историјата, извршители на атентати, претставува акт на повикување на насилство против новинарите. Таквите практики немаат врска со вредностите на слободните и демократски земји, туку се реликти од тоталитарните режими, кои имаат предизвикано големи страдања на човештвото.

 Исто така, ги осудуваме навредите на градоначалникот на Берово против новинарката Даниела Такева и ги оценуваме како недолични, под секое ниво на домашно воспитување на еден градоначалник. Овој инцидент покажува дека власта го проширува притисокот врз новинарите кои работат во критичките локални медиуми.

Ги повикуваме претставниците на власта да престанат со навредите и повиците за насилство против новинари и ги потсетуваме дека заради тоа ќе сносат одговорност за евентуалните последици. Ако има примери на непрофесионално однесување, ги повикуваме да се бара од медиумите исправка или демант, а во случај да бидат игнорирани, да се обратат на професионалните организации одговорни за саморегулација во медиумите.

Исто така, ги повикуваме сите новинари да ги проверат нивните информации од различни извори и да не ги користат медиумите за пресметка со неистомислениците, се вели во соопштението.”