Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираат на говорот на омраза и директните закани по живот упатени преку социјалната мрежа Твитер, до колешката Тања Милевска, дописник за државната агенција МИА од Брисел.
Како новинарски организации упатуваме на фактот дека и говорот на омраза и ваквите директни закани се опфатени со Кривичниот законик, со што должност е на институциите, првенствено на МВР и на Јавното обвинителство, итно да ги истражат и процесуираат.
Потсетуваме дека безбедноста на новинарите и правото на слободен говор одат рака под рака, заедно со демократските обележја на една држава. Ваквиот јавен дискурс во којшто најбезобразно се напаѓаат новинари, и тоа со најотворени закани по живот е недозволив и незамислив за едно демократско општество.
Фактот што Македонија е во предизборна кампања само дополнително потенцира апелот да биде упатен и до политичките партии како директни генератори на овој опасен тренд преку толеранција на овој наратив од нивни поддржувачи, ботови и лажни профили по социјалните мрежи.
Од институциите бараме итна реакција и будно следење на сите вакви појави, а од партиите јавна осуда за нападите и поддршка на новинарските заложби за слобода на говор и заштита на медиумските работници.