Вести Свет Ударни вести

Австрија: Снежните одрони однесоа осум животи, илјадници заглавени

Над илјада лица се заглавени во Австрија поради обилните снежни врнежи, кои не престануваат, а многумина се целосно отсечени од остатокот на земјата. Досега лавините однесоа осум човечки животи, пренесе МИА.

Повеќе од 40 места во покраината Салцбург, Тирол, Долна Австрија и Штаерска се отсечени од остатокот на Австрија и до нив не може да се стигне, поради што се прогласени кризни зони.

Повеќе од 1.200 војници се вклучени во акцијата за спасување и извлекување на граѓаните од завеаните места, а во интервенциите за снабдување се користат и хеликоптери.

Што се однесува  до лавините, опасноста од снежни одрони никогаш не била така висока, и дури во четири покраини е прогласено највисоко, пето ниво на опасност.

Речиси секојдневно во се објавуваат вести за жртви и досега снежните одрони однесоа осум животи.

Во Абтенау настрадаа двајца австриски државјани, еден словенечки скијач, кој скијал надвор од писта, погинал во Цаухензе, една Швајцарка и тројца Германци ги загубија животите во покраината Форарберг, а вчера попладне загина 16-годишен тинејџер во Санкт Антон ам Арлберг.

Во моментов се трага и по некои исчезнати лица во општината Лиленфелд. Австриските власти стравуваат да не се повтори драмата од пред 20 години, кога лавина ја погоди општината Гачтир и усмрти 38 лица, а повреди 50.

Сподели: