ДИК: Изборниот материјал ќе се набавува од еден добавувач

Сподели

Членовите на Државната изборна комисија вчера едногласно донесоа одлука набавката на изборниот материјал да ја спои во едно, односно да не набавува материјал посебно, туку од еден добавувач.

Според Оливер Деркоски, претседателот на ДИК, тоа било на предлог на службите на Комисијата, кои сметаат дека така ќе се поедностават работите и сè би се набавило од еден добавувач.

ДИК исто така донесе одлука да се обезбедат најмногу до 3.000 денари наемнина за приватни простории во кои ќе бидат сместени околу 500 до 600 избирачки места на денот на референдумот на 30 септември, бидејќи државата нема капацитети за да ги „вдоми“ тие избирачки места.

Исто така, седницата на ДИК беше донесена и одлука да се доделат вкупно 171.000 денари за гориво за Подрачните канцеларии на ДИК, кои веќе вршат контроли на избирачките места. Беа доделени и 1,32 милиони денари за трошоците на 80 Општински изборни комисии (ОИК). Се гласаше и за 22 предлози на измена на составите на ОИК поради смрт, пензионирање или губење на статусот на државен службеник и позитивно беше одговорено на 21 барање.