И ГЛУПОСТА, И ХРАБРОСТА, И ЧОВЕЧНОСТА – Александар ЛИТОВСКИ

Aлександар Литовски
Сподели

LITOVSKI2

Дали сте забележале дека во оваа наша држава, секојдневно, сè повеќе и повеќе, ги има ретардираните и глупави партиско-портокалови војници? Веќе еден подолг период, гледам како со глупав и искривоколчен строев чекор низ глупавите улици поминуваат колони од овие глупави војници, облечени во глупави портокалови или црни маици на кои е аплициран ликот на еден антимакедонски експонент од минатото. Гледам како истите овие мрачни и глупави ликови, често, раскалашено, седат по глупавите и смрдливи кафеани, како „сечат вени“ слушајќи глупави партиско-националистички химни, маршеви и турбо-фолк врховистички завивања, како во пијана состојба се „замислени“ врз своите глупави, ситни и неважни проблеми, или, пак, како со полупијана „логика“ и висок тон, расправаат за своите глупави и површни ставови за политиката, историјата, спортот, временските прилики…

Толку оглупавеле овие наши луѓе, што никогаш не им текнува да размислуваат логочно, а уште помалку им текнува да кажат свој став спротивен од ставовите на Пастирот. Затоа, ги гледаме со сопствените очи, нашите глупави медиокритети како ја уништуваат компетентноста и чесноста, како ни го крадат минатото и иднината, како незаслужено преку кражби и измами се богатат, а совеста на големото мнозинството е немо и упорно молчи за државното и национално самоубиство. Во ова наше дувло на криминалот кое, сè уште, погрешно, се нарекува држава, умноста и разумност, од денешната перспектива, изгледаат како бесмислена илузија.

Ама, сите оние кои сочувале малку разум, морааат да имаат на ум дека, всушност, недвојбено е оти на животот може да му се дадат разни толкувања и животните вредности можат да се степенуваат на разни начини. Оттаму, дури и во време на доминација на глупоста и пандемиско размножување на глупавите, можете да бидете различен и тоа воопшто да не е чудно или лудо.

Секако, да се впушти човек во борба со „државните“, црковните, земските и надземските портокалови авторитети, да се појави јавно на нашата политичка ветрометина со некурентните и недоходовни критики и тези за портокаловата глупост, за понижувањето на обичниот човек или девастацијата на македонската есенција, да се обиде да ги сруши портокаловите националистички умноболни фантазии, да предупреди на воскреснувањето на фашизмот, да ги нагризи иконостасите на десничарско-вмровската традиција и да ги оцрни перверзните и антихумани буржоаските фетиши и идеали, значеше и значи да работи една опасна и ризична работа. Значеше и значи – храброст! Оти, сите знаете, политичката стварност кај нас се развиваше цели дваесет и пет години во знакот на проскрипцијата на сите кои искажуваат еретички ставови за класна свест, класна борба, за социјализмот, за антифашизамот…, и цели десет години со стравот од Големиот Брат, неговиот уште поголем Братучед и нивните политички и пропагадни џелати.

Да ги поминеш последиве десет години по разни службени патувања низ светот или, дури, и да се отселиш некаде, да ги преседеш низ кафеаните со кригла пиво во раката, да не си ја „кршиш главата“ со размислување за криминалот, корупцијата, бедата и кретенската пропаганда која ти го силува здравиот разум, да не се грижиш оти вистината и човечноста се масакрирани, прекроени, преиначени, фалсификувани, злоупотребени и обезличени до целосна непрепознатливост, да бидеш камелеон и „горд послушник“ во политичката игра, па да се занимаваш со ситни интриги и ситна корупција во нашето засмрдено мочуриште е, сосема сигурно, поедноставно и попрофитабилно, отколку да се впуштиш во политичката „борба“ или да ги промислуваш општествените процеси, историските вистини и моралните парадигми.

На крајот, оние кои не дозволиле тоталната портокалова пропаганда да ги оглупави, знам дека треба непоколебливо да веруваат во победата на човечката памет, бидејќи ако не пловиме под компасот на разумот ќе се удавиме во корупција, криминал и робовладетелство. Сите човечките нешта, сè околу нас треба да ги мериме со мерката на човечноста. Човечноста, секогаш, е во умниот и чувствителен човек. А, пак, единствено човечноста го прави човекот Човек, без разлика дали тој е свесен за тоа или дали нему за тоа средината ќе му оддаде некакво признание.