Здравје Магазин

Костените се богати со лековити својства и со енергетска вредност

Kостените се со бројни лековити својства, а поради големата енергетска вредност, тие посебно им се препорачуваат на спортисти и деца. Помагаат кај бубрежни и дигестивни тегоби, а чајот од костени делува врз ублажување на симптомите на астма и бронхитис.

Нутритивна вредност 

По нутритивниот состав, костените се слични на интегралниот ориз, а се одличен извор на елементи во траги (минерали кои нѝ се потребни во многу мали количини). Костените се одличен извор на витамин Б6, а исто така се и добар извор на калиум и фолна киселина како и прехранбени влакна кои се неопходни за правилно функционирање на дигестивниот систем.

Костенот е намирница која се одликува со малку поголема енергетска вредност, со тоа што 100 грама печен костен содржи околу 245 калории. Иако плодот е многу хранлив, тој тешко се дигестира. Интересно е тоа што печениот костен содржи повеќе витамини, а варениот – поголема количина на минерални состојки.

Костените како лек 

Релативно високата енергетска вредност која се должи на високото ниво на скроб го прави костенот одличен избор за спортистите, лицата кои се изложени на телесни напори како и децата.

Со оглед на тоа што изобилуваат со калиум, а истовремено се сиромашни со натриум, костените совршено се вклопуваат во исхраната на лицата со кардиоваскуларни и бубрежни заболувања. Исто така, прехранбените влакна кои тие ги содржат можат да им помогнат на лицата кои имаат нередовна столица.

Чајот од костени е познат народен лек против респираторни проблеми како што се бронхитис и астма, додека кората и дрвото од костенот, поради големото количество на танин се употребуваат како астригенси.

 

Сподели: