Магазин Наука и Технологија

ОРИОН: Војаџер 2 навлезе во меѓуѕвездениот простор

 

Вселенската сонда Војаџер 2 по 41 година ја напушти хелиосферата на Сонцето и веќе официјално се наоѓа во меѓуѕвездениот простор каде сончевиот ветер од јонизирани честички скоро да не допира и најголемиот дел од космичкото зрачење потекнува од други ѕвезди или други галаксии.

Вселенската сонда Војаџер 2 била лансирана на 20 август 1977 годна во мисија да ги истражи одблизу гасовитите џинови Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун, сè што знаеме за Уран и Нептун е единствено со помош на ова вселенско летало. Сега Војаџер 2 се придружува на Војаџер 1 кој ја напушти хелиосферата на 25 август 2012 година, заедно да скитаат во длабоката вселена во различни насоки низ нашата галаксија независно од Сонцето.

Војаџер 2 моментално патува со 55.000 км/ч и се наоѓа на оддалеченост од 120 астрономски единици или 18 милијадрди километри од нас, на таа оддалеченост Сонцето е ’само’ ѕвезда чиј сјај е еднаков на 100 W сијалица набљудувана од 20 метри.
За разлика од Војаџер 1, Војаџер 2 ќе продолжи да испраќа податоци за особините на космичкото зрачење во тој тој дел од вселената барем уште една година.
На вселенските летала Војаџер има плоча на која се запишани основни податоци од позицијата на нашата земја, изгледот на луѓето и детали за декодирање на информациите, а од другата страна има бразди од грамофонска плоча со запис на звуци од земјата и поздрави на различни јазици.
Сподели: