Средба на Заев со посредникот Метју Нимиц

Сподели

Специјалниот претставник на Обединетите нации во разговорите меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц во рамките на неговата посета на земјата денеска во Скопје ќе има средба со премиерот Зоран Заев.

Очекувањата од овој прв разговор на Нимиц со премиерот не се големи, освен дека тие ќе ја покажат решеноста на новата влада да води сериозни преговори за спорот, да ги подобри односите со Грција, како и да го тргне ова прашање околу името од листата на тие кои се користат за меѓусебна политичка битка во земјата на штета на евроинтеграцијата.Главната цел сепак со оваа посета е да им се даде нов почеток и нова енергија на преговорите со Грција, кои и покрај напредокот со мерките на доверба, беа блокирани подолг период.

Нимиц вчера се сретна со претседателот на Македонија Ѓорге Иванов. Во соопштението од Кабинетот на Иванов се наведува дека Иванов на Нимиц му нагласил дека во процесот на преговори мора да се почитува меѓународното право. „Неопходно е стриктно придржување до резолуциите на Советот за безбедност, Времената спогодба и пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Мора да се почитува меѓународното право и да се има доследност кон меѓународно преземените обврски“.