Вести Став Ударни вести

За субвенциите и ЕУ фондовите во туризмот – Љупчо ЈАНЕВСКИ

 

Македонската туристичка индустрија е во добра кондиција, но треба да се работи и на зголемување на квалитетот на понудата. Таа може да биде со  краткорочна и со долгорочна цел. Македонија треба да создава нови атракции, да биде во чекор и да се прилагодува на светските трендови, со можностите за новите генерации,  „бек-пекери“ кои по неколку пати годишно одат на куси, но слатки патувања. Туристите ја перципираат Македонија како ние ќе им ја претставиме пред нивните очи. Тенденциите во светот говорат дека туристите сакаат непосредно да бидат учесници во каква било атракција, да се вклучат во подготвување на јадења, да одат на пазар, да одберат самите продукти за готвење и слично.

Македонија има можност да биде туристичка дестинација за четири сезони. Големите тур-оператори и авиокомпаниите со чартер-летови, велат дека можат за 112 дена да ја продолжат сезоната во Охрид, Крушево, Ресен, Гевгелија, Скопје, Велес, како и винските региони. Истовремено, туристичките работници, хотелиерите, угостителите, сѐ повеќе треба да вложуваат во кадарот што го поседуваат, бидејќи нивните професионални вештини треба секојдневно да се развиваат преку обуки, дошколувања, учество во работилници и слично.

За добри резултати во туристичкиот сектор потребно е и правилно субвенционирање. Она што се случува со тур-операторите кои летаат и се повеќе носат туристи во Македонија е конкурентност. Годинава се појави и полскиот пазар, кој е меѓу петте најбрзорастечки пазари од кои пристигнуваат туристи во Македонија. Тоа покажа дека висината на субвенциите не секогаш се вистинскиот мотив да се посети некоја дестинација, што укажува и на потребата за отпочнување со процесот на менување на правилникот за доделување субвенции.

Можеби идниот наш модел на субвенционирање ќе биде и плаќање по категоризација. На пример, да се добие најголема субвенција за гости кога се во прашање пет ѕвездички, потоа со четири, три, а приватното сместување да биде пресечено на половина со три ѕвездички, и тогаш ќе ја добиеме вистинската конкуреност и вложувања. Со изедначувањето на пазарот на приватното со хотелското сместување, ние создаваме нелојална конкуренција кога се во прашање инвестициите. Токму овој модел ќе придонесе да за мотивација на инвеститорите.

Македонија е рурална земја, со многу села што можат да бидат успешни туристички приказни. Треба да се субвениционира туризмот, но со модел што ќе го уреди субвенционирањето на руралниот еко-туризам и агро-туризмот. Македонија и нејзината шанса на ова поле се европските фондови. Потребно е наредните неколку години да обучиме луѓе кои ќе бидат доволно стручни, елоквентни за соработка со европските фондови. Словенија тоа веќе го направи во 2000 година, кога обучи стотина луѓе кои работеа во своите општини и генерираа 1,5 милијарди долари во туристичкиот сектор.

Изминатиот период посетив 35 општини во Македонија, за кои сметам дека има добри потенцијали за развој на туризмот, независно дали се работи за масовен туризам, големи капацитети, рурални средини, гастрономија, велосипедски тури, планинарски патеки, па дури и бачила како потенцијална туристичка атракција. Тука се потврдува ставот дека Македонија и ЛЕР-овите кога туризмот е во прашање, немаат доволно изградени капацитети, потребни се обуки и доедукација за аплицирање до европските фондови.

Охрид се наоѓа на езеро заштитено од УНЕСКО и во непосредна близина на Национален парк,што значи дека секој негов развоен проект секогаш на пондерирањето високо ќе котира, а сепак не сме виделе ниту еден проект на тој план. За жал, нашата неелоквентност за искористување на европските фондови е резултатот на тоа што ни се случува со ИПА и останатите фондови.

Со искористувањето на европските фондови и правилното субвенционирање заедно сите чинители во туризмот – државата, туристичките агенции, тур-операторите, општините, коморите, можат полесно во наредните години да создадат стратегија за развој на туризмот во земјава за наредните 20 години. Тогаш може да се креираат и среднорочни стратегии, петгодишни, на кои ќе ги согледуваме постигнатите резултати, но и да се има визија за долгорочен развој на туризмот. Затоа што, она што го сега се прави во нашите туристички центри е ловење во матно, нудиме сѐ, па вистинските резултати изостануваат.

Македонија има идеална географска положба, идеална клима да развива алтернативни форми на туризам, особено на таканаречениот зелен, еколошки туризам. На тој начин ќе ја зајакнеме локалната економија, ќе имаме директен финансиски импакт и ќе ја намалиме миграцијата со нови работни места. А мојата визија и очекување е во наредните четири години Македонија да ја посетат 1,5 милион туристи и да остварат пет милиони ноќевања.

Љупчо Јаневски

 

 

Сподели: