24 часовен МВР Билтен – поткуп, дрога, закани

Сподели

 

На 05.02.2024 на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле санкционирани 24 прекршоци од кои, 16 надвор од населено место и 8 во населено место.

Санкционирани биле и 16 други видови на прекршоци.

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Е.М.(34), А.М.(39) и М.М.(45), сите од дебарското село Долно Косоврасти, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „незаконита експлотација на минерални суровини“. Тие, на 10.01.2024 година од речното корито на реката Радика, под „Бошков мост“, неовластено извршиле ископ и утовар на песок  како минерална суровина и природно богатство со цел да го користат за свои потреби.

На 05.02.2024 во 16.20 часот на место викано „Маричанско маало“ во Пробиштип, полициски службеници од Полициската станица Пробиштип го лишиле од слобода А.М.(22) од с.Калниште, пробиштипско, постапувајќи по претходна пријава од Д.В.(46) од Пробиштип дека преку мобилна апликација и лично му упатил закани. По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.   

На 05.02.2024 во 10.15 часот во Полициската станица Кочани е пријавено дека на експресниот пат А3 и индустриски дел во Кочани настанал пожар на патничко моторно возило „мерцедес“ во движење, управувано од Д.С.(61) од Кочани. Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Кочани, а повредени лица нема. Извршен бил увид.

На 05.02.2024 во 21.05 часот во СВР Скопје било пријавено дека подрачје на Центар – Скопје, двајца малолетници од Скопје биле физички нападнати од неколку други малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 05.02.2024 во 16.15 часот во СВР Скопје, Н.Н.(32) од Скопје пријавил дека на 03.02.2024 околу 03.20 часот на паркинг пред угостителски објект на подрачјето на Центар во Скопје бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 05.02.2024 во 12.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на општина Аеродром во Скопје, по претходни недоразбирања, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.И.(24) и Д.И.(31), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 05.02.2024 во 10.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Драчево, по претходни недоразбирања, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.И.(69) и Б.И.(72), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 05.02.2024 во СВР Скопје било пријавено дека на 03.02.2024 околу 03.00 часот била опожарена помошна просторија, сопственост на општина Шуто Оризари во Скопје во која имало разни предмети. Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита Скопје,  а повредени лица нема. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 05.02.2024 во 13.30 часот во Полициската станица Центар, Д.Џ.(38) од Скопје пријавил дека во напуштена куќа на подрачје на Центар – Скопје го пронашол починат неговиот пријател Н.„Н.“ од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без траги на насилство, а увид на местото извршиле јавен обвинител и екипа на СВР Скопје. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било дадено на обдукција.

Вчера (5 февруари) околу 10.50 часот во СВР Тетово, 52-годишниот гостиварец В.П. пријавил дека над гостиварското село Топлица, во атарот на селото Пожаране, пронашол пушка М-48. Пронајдената пушка е подигната за вештачење. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 05.02.2024 во 19.45 часот во СВР Скопје, било пријавено дека во продажен објект на подрачје на Бит Пазар едно лице со закана кон вработената одзело пари од дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 05.02.2023 во 13.00 часот во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување деца било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник И.И.(13). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 05.02.2024 во 16.45 часот во Полициската станица Центар, Г.Б.(55) од Скопје пријавил дека на ул.„Лазар Личеновски“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

На 05.02.2024 во 13.15 часот во Полициската станица Карпош, З.С.(49) од Скопје пријавил дека на ул.„Трифун Бузев“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

Денеска (06.02.2024) во 00.20 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Ж.С.(48) од Кичево пријавил дека во близина на стадионот во Ѓорче Петров во Скопје неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 05.02.2024 во 10.40 часот во Полициската станица Кочани, С.Г.(63) од с.Тркање, кочанско пријавил дека во близина на с.Тркање бил каснат од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против Д.Р.(29) од Македонска Каменица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 16.01.2024 и на 21.01.2024, пријавениот, кој во моментот се наоѓа на издржување казна затвор во Казнено-поправната установа Штип, преку електронски пораки упатил закани кон неговата мајка и неговиот брат.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Х.З.(22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „затајување“ и „фалсификување исправа“. Пријавениот, на 13.12.2023 од фирма од Куманово, сопственост на С.И. од Куманово, изнајмил патничко возило со договор дека ќе го врати на 23.12.2023. Но, тој не го вратил и со фалсификуван печат од наведената фирма и фалсификуван печат од нотар од Скопје направил фалсификуван купопродажен договор склучен на 02.11.2023 година.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.П.(52) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги психотропни супстанци и прекурзори’’. На 24.08.2022, полициски службеници извршиле претрес во неговиот дом, при што пронашле и одзеле пакување со повеќе семки од растението канабис.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Д.М.(46) од с.Камењане поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“. Пријавениот, во текот на ноември 2023 година телефонски упатил закани на лице од с.Камењане, тетовско, а на 11.11.2023 отишол во неговиот дом и ја оштетил влезната врата и се обидел да му изнуди пари.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Х.А.(60) од с.Добарце, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца“. На 06.12.2023, полициски службеници запреле патничко возило „фолксваген голф“ управувано од пријавениот, при што било констатирано дека не поседува лиценца издадена од надлежен орган.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против И.М.(49) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 22.01.2024, при извршен претрес на патничко возило во кое што се наоѓал пријавениот, била пронајдена ќеса со хероин.

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против В.Н.(48) од Прилеп, Б.Л.(37) од Скопје, А.А.(51) од Скопје, А.К.(59) од Скопје, М.И.С.(38) од Скопје, В.Е.(34) од Гостивар, А.Е.(39) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, ,,примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“, ,,давање поткуп“ и „давање награда за противзаконито влијание“. Во периодот од септември 2022 година до првата половина на март 2023 година, В.Н., Б.Л. и А.А., вработени во Агенција за администрација, на одредени кандидати кои конкурирале за работа во државни институции им овозможиле успешно да го положат испитот за административен службеник. Првопријавениот, за време на полагање на испитот, неовластено преку мрежен пристап навлегувал во компјутерите на кандидатите, а притоа пријавените на одредени кандидати им овозможиле користење недозволени средства за време на испитот. Пријавените В.Н. и Б.Л., од септември 2022 до крајот на 2022 година, од пријавениот А.К. побарале и примиле подарок за да овозможат неговиот син успешно да ги положи испитите и да биде вработен. Притоа, пријавениот В.Н. му овозможил на второпријавениот Б.Л. да врши проверка и промена на внесените одговори. Во декември 2022 година, пријавените В.Н. и Б.Л., со цел да примат подарок за себе од пријавените В.Е. и А.Е., влијаеле на пријавената М.И.С., вработена во Агенцијата за администрација и претседател на комисија за селекција за вработување за конкретниот оглас, при што во интервјуто на кандидатката В.Е. и дала максимален број на бодови, без оглед на нејзината стручност. На тој начин кандидатката ги освоила потребните бодови и била избрана за работното место за кое аплицирала.  

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.Д.(40) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“. На 24.06.2023 во казино во трговски центар во Скопје, пријавениот физички нападнал лице вработено како обезбедување во казиното.