Последниот бран негации од бугарската лингвистика и политика на автохтоноста на македонската јазична норма ја испровоцира вообичаено повлечената славистка со светско реноме Зузана Тополињска јавно да сподели неколку свои искуства од контактите со бугарските колеги за кои смета дека се соодветна илустрација за позадината на таканаречениот спор.
89-годишната Тополињска е родена и едуцирана во Полска, а во 1983 година се сели во Македонија, по долги години соработка со колегите Блаже Конески и Божидар Видоески. Од 1996 година е редовен член на МАНУ.
„Мене лично многу пати директно некако ми го искомпликува животот односот на Бугарите со фактот дека јас се занимавам со македонистика и го истражувам македонскиот јазик. И од тука ми дојдоа некои асоцијации како изгледале тие бугарски интервенции од самиот почеток, од кога почнав да се занимавам со македонистиката. Мислам дека овие случки кажуваат доста, а мојот заклучок е дека пред се кажуваат дека Бугарите се дотолку несигурни за праведноста на нивната позиција, што дури и една полска македонистка за нив претставува опасност. Па тоа е циркус“, вели Тополињска во разговорот за „360 Степени“.