Целосно почитување на мерките и препораките за време на празниците, да празнуваме одговорно!

Сподели

 

Владата на Република Северна Македонија на сите граѓани им ги честита новогодишните и божиќни празници со апел во овој период да се почитуваат рестриктивните мерки и препораки за да се избегне зголемувањето на бројот на заболени од КОВИД-19.

За периодот од 18 декември до 20 јануари постои ограничување на работното време на угостителските објекти, до 18:00 часот.

 

 

На сила  е и забраната за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор, за сите граѓани, за општините, работните организации, како и забрана за работа после 21:00 часот на рестораните во хотелските објекти. 

Забрането е собирање во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или било каде на отворен простор во текот на целиот ден.

 

 

Секој граѓанин мора да носи лична заштитна опрема на лицето (прекривка на устата и носот) при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори каде се собираат повеќе лица.

Остануваат активни и јасните препораки до верските заедници, да не повикуваат на масовни собири и групирања за време на претстојните верски празници.

Според препораките, апелираме да не се излегува од дома без некоја голема потреба после 18:00 часот, за да се избегнат ризиците од формирањето групи на граѓани.  

 

 

Во домовите, по повод празниците и семејните прослави, да ги почитуваме и препораките кои налагаат во рамките на еден дом да нема присутни повеќе од четири лица како гости.

Прекршувањето на задолжителните мерки, правила, рестрикции и протоколи за спречување и заштита од коронавирусот е казниво заради загрозување на животот и здравјето на граѓаните.

Со своето одговорно однесување да покажеме почит и благодарност и кон претставниците на министерствата, за здравство, внатрешни работи и одбрана, припадниците на Црвениот крст и Противпожарната бригада, како и на медиумските работници кои се во првите редови во борбата, справувањето со корона кризата или известувањето за неа.

Да празнуваме одговорно!