Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на регионалната Конференција за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан: Справување со дезинформации, во организација на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и Македонскиот институт за медиуми.
Во обраќањето претседателот Пендаровски порача дека константно треба да се работи на подигнување на нивото на медиумска писменост кај јавноста, за граѓаните да можат полесно да ги разликуваат вистината и фактите од манипулациите. На тој начин, како што истакна претседателот Пендаровски, ќе помогнеме во развивањето на институционален и личен имунитет кон опасниот вирус на дезинформациите и пропагандите.
“Симболично е што конференцијата се одржува на датумот кој се смета за официјален роденден на Гугл – најкористениот интернет пребарувач. Одамна живееме во дигитална епоха, каде што социјалните медиуми масовно се користат за комуникација со различни публики, а, интернетот стана основна алатка и за учење, и за забава и за работа. Дигитализацијата овозможува далеку поголема достапност до информациите, со неверојатна брзина и во реално време. Со еден клик ги добиваме најновите вести и информации за секоја тема, од секој дел на светот. Социјалните мрежи и интернет порталите полека, но, сигурно стануваат доминатен извор на информации за граѓаните и корпорациите.
Меѓутоа, можноста за брзо информирање со себе носи и потенцијално голем ризик. Како консументи на огромен број информации што брзо пристигнуваат, најчесто немаме ниту време, ниту можност да процениме дали содржината што ја читаме е проверена и точна. Или, пак што често се случува, е дезинформација која свесно или несвесно, ја информира погрешно јавноста и му штети на јавниот интерес.
Досегашното искуство и истражувања на темата покажуваат дека дезинформациите најчесто не се спонтани. Тие се производ на планиран пристап кон одредена тема. Намерата е системски да се манипулира јавноста со пласирање на погрешни информации, а, со крајна цел, да послужи на интересите на одредени политички или бизнис центри на моќ. На тој начин, интернетот, како алатка која секојдневно ја употребуваат милијарди луѓе, многу лесно може од платформа за информирање да стане платформа за дезинформирање.
Кампањите за дезинформирање ја поларизираат јавната дебата, негативно влијаат врз политичките процеси, ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и ја еродираат општествената кохезија. Поради нивниот потенцијал да ги поткопуваат демократските вредности, дезинформациите можат да ја дестабилизираат и самата држава. Токму затоа, многу држави во светот ги препознаваат и ги третираат дезинформациите како една од приоритетните закани за нивната национална безбедност. Во неодамнешниот стратешки извештај за сопствениот капацитет во оваа област и Европската Унија констатира дека кампањите за дезинформирање се една од главните форми на притисок врз демократските модели на владеење.
Пандемијата на Ковид-19 сосема конкретно ни покажа колкава штета може да предизвикаат дезинформациите. Не само кај нас, туку и во целиот свет.
Пред нас е комплексна задача, преку холистички пристап да изградиме системска, медиумска, но, пред сѐ, лична отпорност кон дезинформациите. Тоа можеме да го постигнеме само преку блиска соработка на државните институции, политичките партии, бизнис заедницата, граѓанскиот сектор и медиумите.
Процесот на едуцирање за медиумската писменост и дезинформациите во нашите основни и средни училишта, ќе овозможи да создаваме генерации на ученици кои ќе можат полесно да ги препознаваат дезинформациите и да ги формулираат своите ставови врз основа на релевантни и проверени информации.
Треба константно да се работи на подигнување на нивото на медиумска писменост кај јавноста, за граѓаните да можат полесно да ги разликуваат вистината и фактите од манипулациите. Така ќе помогнеме во развивањето на институционален и личен имунитет кон опасниот вирус на дезинформациите и пропагандите”, изјави претседателот Стево Пендаровски на регионалната Конференција за медиумска писменост ЕУ-Западен Балкан.