Украина ја обвини Русија дека започнала воена офанзива во Донбас

Сподели

 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска објави дека Русија ја започнала воената офанзива во Донбас, која има за цел окупација на Донецкиот и Луганскиот регион, јавува Би-би-си. Руските сили продолжуваат да довлекуваат оружје и воена опрема во Украина од централните и источните региони на Русија.

Украинскиот Генералштаб јавува за засилени гранатирања на цивилна и индустриска инфраструктура во Донбас, а паралелно на ова, руските сили се обидуваат да го заземат во целост пристанишниот град Мариупол и да ги задржат веќе окупираните територии во областите Харкив, Херсон и Запорижја.

За да ги засилат офанзивните напади, руските сили продолжуваат да формираат дополнителни единици во окупираниот полуостров Крим и во рускиот регион Ростов и тие треба да бидат оформени до 24 април, пренесува Укринформ. Овие дополнителни руски сили е планирано да ги поддржат агресорските дејствија преку нивно поставување на заштита на административните зданија и инфраструктурните објекти во окупираните територии од Украина.

Би-би-си го пренесува барањето на украинскиот пратеник Олексиј Гончаренко, кој ги повика западните земји да испратат дополнително оружје во Украина, посочувајќи дека авганистанската војска во минатото добила 80 милијарди долари во оружје, опрема и муниција, додека последната помош од САД била 800 милиони долари.

Украинските власти тврдат дека борбите продолжуваат во пристанишниот град Мариупол, а војниците што ја бранат територијата не се предаваат и покрај рускиот краен рок што им беше даден на опколените војници околу фабриката Азовстал.

Поради руската офанзива врз Украина, досега нападнатата земја ја напуштиле над 4,9 милиони Украинци, како и над 200.000 странски студенти, работници и други лица кои привремено престојувале во Украина, покажуваат податоците на Обединетите нации. Информациите говорат дека украински бегалци пресретнала дури и погранична служба на САД на американско-мексиканската граница. 3.724 украински граѓани пристигнале на јужната граница на САД во март, пренесува Би-би-си за најбрзо растечката бегалска криза во Европа по Втората светска војна./мета.мк