ЗНМ и МААА потпишаа Меморандум за соработка и ги презентираа американските програми за развој и размена

Сподели

 

Во Клубот на новинарите во Скопје, беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Македонско-американската алумни асоцијација (МААА).

ЗНМ и МААА разменија мислења околу потребата за заедничко делување во полето на новинарството и вмрежувањето на медиумските работници.

Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски зборуваше и за потребата на зголемување на бројот на младите новинари кои би добиле можност да бидат дел од програмите за развој. „ЗНМ од минатата година основаше и Секција на младите новинари, при што на овој начин се овозможува младите колеги да споделуваат искуства и здружено да работат на подобрувањето и унапредувањето на состојбата во новинарството кај нас. Новинарската професија, според статистиките на новозапишани студенти по новинарство на нашите универзитети не е привлечна како порано, па преку ова вмрежување сакавме да овозможиме непречен пристап до програмите за развој, кои ќе им дадат можност на младите колеги за дообучување, стручно усовршување како и отворена врата кон директно искуство со американските новинарски стандарди и колеги.“ – посочи Чадиковски.

 

 

Претседателката на МААА, Верица Јорданова ја истакна дека посветувањето на заедничката соработка е особено важна. „Вмрежувањето на новинар(к)ите од нашата земја кои биле на програмите за размена и едукација во САД, како и иницирањето заеднички активности и соработка од областа на медиумите, новинарството, информациите и останатите сродни дејности кои се значајни за фелата ќе поттикнат и поголема вклученост и ќе иницира заеднички проекти кои произлегуваат од програмите. Со ова се создава можност за воспоставување редовна комуникација со експертите кои се челнови на МААА од разни области и професии.“ – рече Јорданова.

На средбата, покрај организацискиот секретар на МААА, Огнен Јанески, како и претставници на новинарската и професорската фела, беше присутен и координаторот за размена и алумни во американската амбасада, Газменд Илази, кој направи презентација на сите програми и можности кои се поврзани со новинарството и медиумите. „Можности за новинарите има многу. Програмите Фулбрајт и Хамфри се исклучително почитувани и ние би сакале овие размени да бидат користени од страна на медиумските работници, затоа што на таков начин тие добиваат искуство кое ќе им биде многу корисно во животот, особено за професионалниот развој, но и за вмрежувањето со своите колеги од САД, кое е незаменливо.“ – истакна Илази.

 

 

Преку овие програми, медиумските работници имаат исклучителни шанси за напредување, доедукација и размена на искуство со американските колеги, на високообразовни институции и програми на светските организации со седиште во САД.