РС Македонија напредуваше 33 места во слободата на медиумите според Индексот на Репортери без граници

Сподели

 

Северна Македонија се најде на 57-то место од 180 светски држави и територии според последниот Индекс на слободата на медиумите на Репортери без граници за 2022 година. Во споредба со лани државата има напредок од дури 33 места на листата.

Во споредба со земјите од окружувањето сега С. Македонија се наоѓа при врвот, веднаш зад Хрватска (48-мо место) и Словенија (54). Зад земјава се наоѓаат Косово (61), Црна Гора (63), Босна и Херцеговина (67), Србија (79), Бугарија (91), Албанија (103) и Грција (108).

 

 
“Оваа година, светскиот ден на слободата на медиумите, го одбележуваме како земја која постигнала исклучителен напредок на листата на „Репортери без граници“. Според индексот за слобода на печатот кој е објавен во извештајот за 2022 година, Северна Македонија бележи скок од 33 места, односно од 90 на 57 место. Ова ново рангирање ја позиционира нашата држава меѓу најдобро оценетите во регионот”, напиша на својот ФБ, премиерот Димитар Ковачевски.
 
“Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на новинарите и медиумските работници, за нивната посветена работа и да им порачам да продолжат професионално да ја работат својата работа. Не така одамна бевме сведоци дека загорзената слобода на медиумите е прв чекор кон автократско владеење и сите негативни последици на ваквото управување. Владата на СДСМ во изминатите пет години покажа исклучителен демократски капацитет и почит кон медиумите и медиумските работници, негувајќи ја слободата на изразување како клучно право и вредност во општеството”, додаде премиерот Ковачевски.