Промовирана монографијата „МВР за граѓаните 2017-2021“

Сподели

 

„МВР за граѓаните” е мотото под кое оваа година со неколку свечености го одбележуваме 7 Мај – Денот на македонската полиција. Тоа е концептот кој го применуваме уште од 2017, од моето доаѓање на чело на Министерството за внатрешни работи. Под истото мото ја создадовме и монографијата која денеска ја промовираме, имајќи го предвид периодот од 2017 – 2021, како период на најважните спроведени реформи на македонската полиција“, рече во воведот од обраќањето по повод промоцијата на монографијата „МВР за граѓаните 2017-2021“ пред претставниците на дипломатскиот кор во државата, раководството на МВР и претставници на медиумите.  Тој објасни дека мотив повеќе за создавање на публикацијата беше и потребата да се изрази благодарност до пријателите и партнерите кои го поддржаа МВР во текот на реформските процеси, преку проектите со Европската Унија, низата активности во соработка со Мисијата на ОБСЕ, партнерството со САД, со Германија, со Австрија, со Италија, со Чешка…

 

 

„Основната причина за публикацијата е цел тој реформски процес да го ставаме на увид на јавноста, на отворена транспарента проверка на фактите, преку публикација која електронски ќе биде достапна до граѓаните преку нашата веб страница. Низ избор на фотографии збогатени со текстуални секвенци создадовме документирано сведоштво за постигнатото во оваа петолетка, и тоа не само како збир на сработеното, туку и како поставени вредности, квалитативни промени кои веќе го завртеа тркалото напред и од кои враќање назад веќе нема“, истакна министерот Спасовски, издвојувајќи ги најважните проекти и активности на МВР во изминатиот период.

Според заменик министерот за внатрешни работи монографијата сосема пластично и подробно ги презентира низата фази во реформското унапредување на Министерството за внатрешни работи, речиси во сите сфери од полициското работење. Почнувајќи од реформите во нормативната сфера со донесување на законски решенија во насока на хармонизирање на безбедносните стандарди на функционирање со оние на евроатлантските земји, потоа структурни, техничко-технолошки, кадровски, организациони и други промени.

 

 

„Се разбира, генерално насочени кон континуирано следење на западно-европските трендови во полициското работење. А конечниот исход кој што го очекувавме и кој е во голема мерка речиси реализиран – е воспоставување на максимална ефективност и ефикасност во функционирањето на тој сложен систем врз кој што почива Министерството за внатрешни работи, како сервис на граѓаните. Всушност, низ монографијата може јасно да се види тој исцрпен пат на предизвици и нивни решенија, во големиот број подрачја на делување на Министерството, но исто така, може да се види и јасната политичка волја и договор што беа предуслов да се тргне и да се успее во реформирањето на нашата институција“, посочи Буши.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје континуирано ги поддржуваше процесите за осовременување на полициското работење согласно европските и светски стандарди и континуирано градење на довербата меѓу полицијата и граѓаните. Заеднички беа изработени Стратегијата за вклучување и комуникација со заедницата, како и стратегиите за управување со човечки ресурси, развој на Центарот за обука и ревизија на дисциплинските постапки.

Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Н.Е. Клеменс Која истакна: „Во име на меѓународната заедница и мисијата на ОБСЕ во Скопје, дозволете ми да ви честитам вам и на сите претставници на МВР за напредокот постигнат во последните неколку години кон полициското работење ориентирано кон граѓаните. Како што многумина овде знаат, Мисијата на ОБСЕ во Скопје има долга историја на соработка со Министерството, која датира од Охридскиот рамковен договор. Во текот на овие 20 години Мисијата го помагаше Министерството во децентрализацијата на полициските функции, зајакнувањето на обуката и образованието на полицијата, развојот на специјализирани капацитети и развивањето на капацитетите за полициско работење и превенција во заедницата. Во моментов го поддржуваме Министерството да развие систем за професионално работење и дисциплина засновано на заслуга и докази, како и систем за обука за време цела кариера. Доколку се целосно спроведени, овие реформи ќе обезбедат Министерството да го вработува, распоредува и унапредува својот кадар врз основа на заслуги, наместо какви било други основи, и ќе им ја обезбеди потребната обука за да испорачаат висококвалитетни услуги на јавноста“.

На промоцијата во име на издавачкиот одбор свое видување кон монографијата даде и деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Никола Дујовски, кој е и главен и одговорен уредник на оваа публикација.

„Живееме во свет на лажни вести, свет во кој вистината треба да се повторува, за неа секогаш да се говори, да се промовира. Токму затоа сме горди на издавањето на монографијата ‘МВР за граѓаните 2017-2021’, чија првенствена цел е преку реалните бројки и постигнатите резултати, да ги нагласи новите трендови на развој на македонската полиција, во вистински сервис за граѓаните и чувар на демократијата и владеењето на правото. Во монографијата читателот ќе ја забележи внимателноста на министерот Спасовски и раководството на МВР за секој вработен, но и за сите граѓани. Свесни сме за значењето на односот полиција-граѓани и ги подготвивме овие страници да бидат сведок на посветеноста, на и одлучноста за реформи и развој на добрите полициски практики“, порача проф. д-р Дујовски.

Свечениот настан беше збогатен со настапот на женскиот младински хор „Менада“, под диригентската палка на маестро проф. д-р Ивица Зориќ, а во пијано придружба на маестро Андреј Наунов.