Јавниот интерес ја воспоставува рамнотежата помеѓу основните човекови права и слободата на изразување/информирање и приватност. Доколку јавниот интерес преовладува над приватниот интерес, податоци и информации може да се обелоденат, без разлика дали тие претставуваат повреда на правата на приватност на одреден поединец или група. Ова, меѓу другото, беше речено на панелот „Етика и анонимизација на податоците“, на вториот ден од Меѓународната конференција на Фондацијата Метаморфозис на тема „Податоците и културата на отвореност“. Панелистите ја истакнаа важноста од подигање на културата и обврската на институциите за транспарентност и отчетност, со цел да се реализира правото на граѓаните за информирање на соодветен начин, пишува Порталб.мк.
Директорката на Агенцијата за заштита на слободен пристап до информации од јавен карактер Пламенка Бојчева зборуваше за важноста за информирање на граѓаните. Како што рече, институциите треба проактивно да ги објавуваат податоците што ги создаваат и со кои располагаат, а имаат и обврска да им дадат информации на граѓаните за кои тие ќе поднесат барање.
Правото на слободен пристап е основно право и тоа го имаат пред сè граѓаните, а потоа и сите физички и правни лица од земјата и странство. Слободниот пристап до информации од една страна ги прави институциите транспарентни и одговорни пред граѓаните, а од друга страна обезбедува целосни и навремени информации за граѓаните кои се неопходни за нивното учество во јавниот живот. Правото на јавноста да знае е во исто време најголема брана и алатка за борба против корупцијата. Коруптивните практики и злоупотребата на јавните ресурси покажуваат дека овие навики повеќе се развиваат на полето на тајноста, рече Бојчева.
Раководителот на Секторот за поддршка на работата на директорот на Државниот завод за статистика, Слободан Малевски зборуваше за функционирањето на оваа институција, која располага со голем број податоци кои можат да ги користат и граѓаните, но и институциите и граѓанскиот сектор.
„Ние како институција подготвуваме календар каде ги поставуваме сите наши публикации, истражувања и производи. Најпрво, податоците ги објавуваме преку соопштенија за печат, публикации, сè помалку во хартиени формати и сè повеќе на веб-страници. Таму имаме широк опсег на информации, кои се достапни за јавноста, во согласност со политиката на Евростат и истите се бесплатни. Нé радува фактот што бизнис заедницата сè повеќе ги бара податоците што им се потребни за нивните активности. Многу важни се и единиците на локалната самоуправа кои од нас ги добиваат податоците што им требаат за нивните потреби, како и граѓанскиот сектор. Покрај нив, научната заедница бара и податоци за научни цели. ДЗС е максимално отворена и транспарентна институција. Се обидуваме на секој барател на информации да му доставиме одговор што е можно побргу“, истакна Малевски.
Емилија Гиновска од Агенцијата за заштита на личните податоци, истакна дека слободата на изразување и правото на приватност се заштитени со Уставот, а рамнотежата помеѓу објавувањето или необјавувањето на информацијата е дали таа информација е од јавен интерес.
Правото на приватност е основно право и е заштитено и гарантирано со Устав, но, од друга страна, и слободата на изразување и информирање е право што му припаѓа секому. Честопати овие две права се судираат. Медиумите често се во тешка ситуација да известуваат на избалансиран начин во однос на правото на приватност на одредени поединци и правото на јавноста да биде информирана. Во некои одредби од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, кои се однесуваат на правото на субјектите на личните податоци и правата на граѓаните, начелата на приватност може да се исклучат доколку тоа е неопходно поради балансирање на правото на слобода на изразување и информирање. Така е само кога јавниот интерес преовладува над интересот на субјектите на лични податоци, појасни таа.
Експертот за интернет безбедност, Божидар Спировски, преку презентација се фокусираше на некои аспекти од безбедноста на податоците, додека, како што рече, транспарентноста, приватноста и доверливоста се „Мексикански безизлез на 21 век“. Тој нагласи дека сите бараат транспарентност и приватност, но додека тоа не се однесува лично со нив. Според него, треба да се врати кредибилитетот, бидејќи прописите се претежно неусогласени, надзорникот е различно достапен за спроведување казнени мерки, додека личната свест и одговорност е релативно мала.
Спроведување строги правила придружени со мандатни казни и автоматско отпуштање/забрана на активност, на пример: Приватност против коруптивни активности, гаранција за анонимност и почитување на приватноста, вклучително и медиумите и порталите, за конечно да се укине ЕМБГ како примарен идентификатор, рече Спировски.
Тој има две лични препораки во врска со објавувањето на податоците: објавете ги оние податоци што прифаќате да ги изгубите и станете свесни дека во сите дигитални канали ВИЕ сте производот. Едукацијата за правата и обврските да бидат континуирана и јавна, како дел од јавниот сервис.
Директорот за развој на Фондацијата Метаморфозис, Филип Стојановски, вчера на отворањето на Конференцијата, во својот говор истакна дека соработката со УСАИД во промовирањето на отворените податоци ќе има сличен ефект како и претходните проекти во кои Метаморфозис и УСАИД соработуваа, како што беше случајот со спроведен проект за проверката на факти поддржан од УСАИД до 2017 година.
Меѓународната конференција за отворени податоци има за цел да ја обедини заедницата на отворени податоци со цел да споделува и учи, планира и соработува за иднината на отворените податоци, со посебен акцент на актуелната ситуација во Северна Македонија и регионот на Западен Балкан.