Со “културен натпревар” во Пустец, македонците од Албанија се спротивставија на софиската асимилаторска активност

Сподели

 

Официјална Софија, во потрага по Бугари надвор од нивната страна, ја протега долгата рака не само до Македонија, туку и преку Македонија, во соседна Албанија. Со попустливоста на властите, Бугарите се и уставна категорија во Албанија, како што, впрочем, се и Македонците, кои имаат и своја општина во Пустец, од 9 етнички чисто македонско население и околу 5.000 жители.

 

 

Бугарските власти, посебно потпретседателката Јотова, се многу агилни во пропагандата, нудејќи подароци, учебници и во поново време лесна постапка за добивање бугарски пасош, што, од немајкаде, го побаруваа Македонците, главно од егзистенцијални причини. Нешто слично како и во Македонија.

Се разбира, и Македонците не седат со скрстени раце. Активно се спротивставуваат, пред се, преку единствената политичка партија – МАЕИ, раководена од првиот пратеник етнички Македонец, Васил Стерјоски, други активисти, како и асоцијацијата “Сонце”.

Колку се од Софија понападни, толку е поголем и отпорот, кој се манифестира, пред се, со организирање културни и слични манифестации, на кои, можеме да им позавидиме и ние, овде во Македонија.

Уште на 24 мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, етничките Македонци од Пустец и цела Албанија, за прв пат досега, одржаа богата со содржини и масовна прослава, во селото Глобочани, кај паметникот на големиот писател, Македонец, Стерјо Спасе, односно во Спомен – музејот “Стерјо Спасе”.

Во таа прилика, својата промоција ја доживее и капиталното дело “Хармониска интеграција на македонското малцинство во Република Албанија – Случај на македонското малцинство во областа Преспа и Врбник” од д-р Мариа Дојче, истакната албанска интелектуалка, универзитетски професор.

 

 

Исто така, го претставија литературното творештво на писателот Васил Шумка, по потекло од село Долна Горица, Општина Пустец, додека на 4-годишнината од неговата смрт го одбележаа поменот и споменот за животот и делото на Спасе Мазенковски, познат поет, писател, новинар и публицист, по потекло од селото Леска, Општина Пустец, а, мегу другото, го уредуваше весникот “Мала Преспа”. Се разбира на чист, литературен македонски јазик.

За таа прилика, од Тирана допатуваа и зедоа учество хрватскиот амбасадор во Албанија, Златко Крамариќ (претходно номиниран за Софија, но одбиен како македонист!), заедно со македонскиот амбасадор, Данчо Марковаски.

Хрватскиот истакнат поет и почесен претседател на Хрватското книжевно друштво, Валерио Орлиќ, кој беше во книжевна турнеја низ Македонија, зеде учество на манифестацијата.

Македонците од Мала Преспа, на брегот на Преспанското Езеро и цела Албанија, деновиве пријатно изненадија со богатите содржини од што туку завршениот фестивал, „Македонското културно лето“ во Пустец, годинава петнаесети по ред.

 

Пред бројната публика, на стартот, на “Гоце Делчев”, Фестивалот започна со концертот на хорот „Света Злата Мегленска“, а заврши со претставата „Орест“ во копродукција на Здружението „Сонце“ и Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес.

 

 

На затворањето на фестивалот, беа доделени бројни награди и признанија за најдобри актери и претстави:

Билјана Драгичевич Пројковскa,  за улогата на Кармен (Драмски театар), Жаклина Петровска Милјановска, најдобра млада актерка, за улогите на Марта, Цеце, Жаклина, Елена, во “Анатомија на неверството” (Tеатар „Комедија“), Славица Манаскова, најдобра млада актерка, за улогата на Електра (Tеатар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, Велес), Сашко Коцев, најдобар актер за улогата на Паун во „Не се клади на енглези“ (МНТ),  Жарко Спасовски, најдобар млад актер, за улогата на „Орест“ (Tеатар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, Велес).

За најдобра претстава, прогласена е  „Кармен“ на Драмски театар, додека признанието за најдобра режија го доби Дејан Пројковски, за истата претстава.

Признанието „Пријател на фестивалот“ го добија, нашето Министерство за култура, Министерството за култура на Албанија, „Обединета македонска дијаспора“, компанијата „Кромберг и Шуберт“, Општина Велес, Општина Пустец, Град Скопје, „Кожувчанка“, театарот Џинот Велес, Театар Комедија и Хорот „Света Злата Мегленска“.

 

Веле Митаноски