Со свечена церемонија на доделување на наградите, синоќа во Ресен, во атрактивниот амбиент во Сарајот, заврши јубилејното, 20-то издание, на Интернационалниот театарски фестивал “Актерот на Европа – 2022”.
Како што е познато, овој фестивал започна летото 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Препанското езеро за Меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија.
Жирито во состав: Мето Јовановски (претседател), Елена Трјаковска и Владимир Стојчевски, одлучи главната награда „Актер на Европа 2022“, за најдобро актерско остварување, да им ја додели на Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, за улогата во „Кармен“ од Драмскиот театар Скопје, како и на Исмет Аземи за улогата во претставата „Четирите еполети“ од Градскиот театар од Митровица, Косовo.
Претставата „Четирите еполети“ се здоби и со наградите за најдобра режија, Хаќиф Мулиќи и наградата „Преспански Дионис“, за косовскиот актер Басри Луштаку.
За најдобра претстава во целина, беше прогласена претставата „Пеликанот“, по текстот на А.Стриндберг, во изведба на независната театарска група од ИУ Еуропа Прима – Скопје, во режија на Теодора Сиљаноска.
Претставата „Поетската вечност на Иго и Бодлер“ од Франција, во режија на Патрик Вершуерен ја доби наградата „Жак Лакариер“ за оригинална театарска инвентивност, додека претставата „Синиот портокал“ од Народниот театар Ј.Х.К Џинот од Велес ја понесе наградатата од публиката.
Интересно е да се одбележи дека во 20-годишното постоење, оваа единствена интернационална манифестација на бреговите на Преспанското езеро, има околу 200 библиографски единици во најпознатите европски новински медиуми како „Фигаро“, „Монд“, „Гардијан“ и други, при што, секоја година, одгласите за фестивалот во светаските медиуми се се побројни.
Веле Митаноски