Не смее да се повтори грешката со платените кампањи во приватни медиуми

Сподели

 

Деновиве во собранието циркулира проблематичен предлог за измена на медиумските закони преку кој се брише активната забрана за владино рекламирање во приватните медиуми и истовремено се предвидуваат огромни суми за радиодифузерите од буџетот на граѓаните и тоа не само на централно, туку и на локално ниво. 

За разлика од владејачките политички партии, ставот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ), повеќе години наназад е принципиелен кога станува збор за платени кампањи со средства од граѓаните во приватните медиуми.

Укажуваме дека не смее да се повтори враќањето на државните пари во приватните медиуми, бидејќи веќе е докажано дека оваа практика катастрофално ќе се одрази, како врз новинарството, така и врз медиумскиот пазар. Со повторувањето на оваа грешка, Македонија се враќа десетина години наназад кога на сличен начин медиумите директно се поткупуваа и се нарушуваше уредувачката и новинарската независност. Предупредуваме дека со вакви решенија ќе се нанесе директна, трајна и непоправлива штета на целиот медиумски сектор. Затоа, потребно е забраната за рекламирање во медиумите да остане законска обврска и таа да се почитува од сите единици на централната, локалната власт, како и од јавните претпријатија. 

Aнонимниот предлог за измена и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ) кој моментално е даден на разгледување на пратеничките групи е изработен во дискреција од политичките партии без спроведени консултации и вклученост на релевантни еснафски, новинарски и медиумски организации и без никаква јавна дебата. Обидот за протуркување и наметнување на вакви лоши закони на не транспарентен и неинклузивен начин говори дека Владата и политичките партии немаат искрени намери да креираат решенија со кои ќе се гарантира независноста на медиумите и слободата на изразување.