Петровска: Го чествуваме јубилејот „30 години Армија“

Сподели

 

Плановите за одбележување на Денот на Армијата и јубилејот „30 години Армија“, како и текот на модернизацијата на Армијата и развојот на одбраната беа темите на кои денеска во Министерството за одбрана, министерката Славјанка Петровска ги брифираше уредниците и новинарите од секторот одбрана. 

 

 

„Во изминатите 30 години Армијата постигна многу. Денеска Армијата е наша национална гордост, дел од најмоќниот воено-политички сојуз – НАТО Алијансата. Тоа е Армија која забрзано се модернизира и тоа веќе станува видливо. Во среда на Воениот стадион, ќе бидат изложени првите 6 нови оклопни транспортери од американско производство кои неодамна пристигнаа и со кои значително се влијае на подобрувањето на борбената готовност на Армијата. До крајот на годината ќе биде испорачана нова пратка, од 27 вакви возила и понатаму следуваат испораките согласно договорот. Продолжуваме и со набавка на други системи кои ни се потребни, набавка на специјални возила за посебни намени, артилериски системи и муниција, против-воздушен одбранбен систем, а во наредниот период ќе започнеме и со обнова на нашата воздухопловна компонента“, порача министерката Петровска.

Таа додаде дека во дијалог со синдикатите донесени беа најновите измени во Законот за служба во Армијата со кои војниците, подофицерите и офицерите заслужено добиваат одлични услови за работа и повисок животен стандард. Петровска го спомена правото на стекнување на правото на пензија со навршени 40, односно 38 години за армиските припаднички во висина од 80 проценти од најповолните 10 години работен стаж, можност за исплата на отпремнина за професионалните војници кои ја напуштаат Армијата со навршени 45 години возраст, во висина од две просечни плати, но не помалку од 1.000 евра за секоја година мината во служба, право на станарина од моментот на пристапување во Армијата, исплата на боледување во висина од 100 проценти од платата и воведувањето на поволни услови за стипендирање на млади и перспективни кадри од критичните специјалности за Армијата.

Во контекст на одбраната, министерката посочи дека таа се трансформира согласно стандардите на НАТО, стратегијата НАТО 2030 и новиот Стратешки концепт на Алијансата.

„Нашата основна цел е: Безбедни дома, одговорни во НАТО! Изработивме Концепт МКД Одбрана 2030, кој се состои од три главни столбови и пет мисии. Ова ја покажува нашата одлучност да бидеме активна членка на Алијансата“, потенцираше Петровска.

Министерката информираше за одбележувањето на три-деценискиот јубилеј на Армијата преку неколку настани, од кои го потенцираше отворениот настан со граѓаните, на 17 август во 18.30 часот на Воениот стадион. Порача дека во заедничко дружење со граѓаните кои најголема доверба имаат токму во Армијата, презентирана ќе биде најновата опрема, новите оклопни транспортери, вештините на армиските специјалци, а тоа ќе биде проследено и со музички изведби на воениот оркестар и повеќе изведувачи кои тоа го прават бесплатно, водејќи се од почитта и љубовта кон Армијата.

Петровска им се заблагодари на сите досегашни министри за одбрана, началници на Генералштаб, сите генерали, но и сите вработени во одбраната и во Армијата, за нивниот придонес во развојот на она што претставува столб на нашата држава, а благодарност упати и до претставниците на медиумите кои секогаш одговорно и професионално известуваат за одбраната и Армијата.