Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на сите објекти и културни споменици, да не се користи осветлување во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина, во сезоната на ладење температурата на климатизерите да биде 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, намалување на осветлувањето на улиците, патиштата, плоштадите на минимум.
Ова се дел од задолженијата и препораките кои денеска ги донесе Владата на предлог на Министерството за економија за намалување на потрошувачката на електрична и на топлинска енергија со цел да имаме безбедна зима.
Овие задолженија ќе бидат во сила од 1 септември годинава до 31 март 2023 година.
„Прогнозите се дека ќе преживееме една од најтешките зими на енергетски план не само во нашата земја туку сите земји во регионот и во Европа“, рече министерот за економија Крешник Бектеши на прес конференција на која ги претстави сетот мерки и препораки.
Тој посочи дека со цел полесно да се справиме со периодот кој не очекува за да имаме непречено снабдување со електрична енергија и нејзино ефикасно искористување и крајна цел пониски сметки за струја Министерството за економија подготви план и препораки на заштеда на струја за безбедна зима.
„Препораките, укажувањата и задолженијата се поделени во повеќе категории пред се во зависност дали се работи за домаќинства, компании или простории на јавни објекти во сопственост на државата – како министерства, агенции, органите на државна управа, општините и градот Скопје“, рече Бектеши.
За домаќинствата и компаниите се предвидени само препораки за штедење на електрична енергија, а за институциите се предвидени конкретни задолженија.
„Целта која треба да се постигне е намалување на потрошувачка на електрична енергија за 15 отсто споредено со истиот месец од претходната година“, рече Бектеши.
Доколку не се постигне оваа цел ќе има санкции за сите раководители на институциите предвидени со посебна одлука и со заклучок од страна на Владата, додаде министерот. Задолженијата за јавните објекти се однесуваа на оние кои се во сопственост на државата – министерства, агенции органи во државната управа и сл.
Така, сите државни и јавни институции и државни претпријатија се задолжени:
- Да го исклучат декоративното осветлување на фасадите на сите објекти и културни споменици,
- Да не се користи осветлување во внатрешните простории во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина,
- Во јавните објекти во сезона на ладење температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени,
- Просториите да се проветруваат кратко и интензивно,
- Исклучување на светилките кога се напуштаат просториите или може да се користи дневна светлина,
- Печатење само на оние документи кои се потребни и онолку копии колку што се неопходни,
- Да се исклучуваат сите компјутери по завршување на работата,
- Да се заменат каде што има финансиска можност старите светилки со нови поефикасни светилки,
- Редовно да се менуваат филтрите на грејните тела односно клима уредите во работните простории,
- Се препорачува до јавните претпријатија во рамките на буџетите инсталирање на колекторски системи за загревање на вода,
- Да се заменат старите прозорци во работните простории со нови ПВЦ прозорци за да се намали провевот,
- Да се инсталираат интелигентни системи за управување на потрошувачката на енергија.
„За да се реализираат сите овие задолженија сите институции на централно ниво и државни претпријатија од редот на вработените ќе треба да определат лица кои ќе се грижат за намалување на потрошувачката на енергија, применувајќи чести контроли во текот на работното време, а особено по завршување на работното време со цел намалување на потрошувачката на електрична и топлинска енергија за 15 отсто споредено со истиот месец минатата година“, рече Бектеши.
Раководителите секој месец ќе имаат задолженија да доставуваат до Генералниот секретаријат на Владата извештај за потрошувачката на енергија во претходниот месец како и податок за споредба со истиот месец претходната година најдоцна до 15-ти во тековниот месец.
Препораки има и за домаќинствата.
Препораки кај јавните патишта веднаш да отпочне намалување на осветлување до минимален обем на осветлување на улици, плоштади и други објекти.